Основното јавно обвинителство Кавадарци излезе со детали за настанот кој ја вознемири јавноста, кога во август годинава во шупа беше пронајдено закопано телото на младиот Илија Иванов. Убиството на Илија (42), вреден и тивок човек, кој се занимавал со ПВЦ столарија и живеел сам беше шок за неговите пријатели и колеги, кои го опишуваа како лице кое не гази на мравка. Кога набргу потоа беше уапсен неговиот една година постар брат С.И., поради сомнеж дека го извршил убиството, веднаш низ градот се прошири приказната дека мотивот најверојатно е поделба на имотот.
Деталите за настанот кои денес ги соопшти обвинителството, благо речено се морничави. Кога бил убиен Иле имал роденден, а брат му среде одбележување на роденденот, поради расправа околу поделба на имотот, го удрил со тапиот метален дел од тесла по глава. Откако Иле паднал од ударот, тој го удрил уште двапати и си заминал, но продолжил да доаѓа во наредните денови и да ја чисти крвта која останала наоколу во родителската куќа. Исто така, по смртта на Иле, се додека да биде лишен од слобода, тој повлекувал пари од неговата банкарска картичка.
Во продолжение, официјалните детали од обвинителството:
По спроведената истрага, Основното јавно обвинителство Кавадарци поднесе Обвинителен акт против едно лицеза кривично дело- Убиство од член 123 став 2 точка 4 од Кривичниот законик.
Обвинетиот 43-годишник, на 27 јули годинава од користољубие го лишил од живот својот помлад брат. На роденденот на жртвата, двајцата браќа започнале да се расправаат, бидејќи обвинетиот верувал дека неговиот брат сака да го преземе целиот имот. Поттикнат од чувства на гнев и омраза, тој со тапиот метален дел од тесла го удрил брат му по главата, а кога оштетениот паднал, уште два пати го удрил со теслата, нанесувајќи му моментални смртоносни повреди.
Потоа обвинетиот си заминал, а следниот ден се вратил во домот на оштетениот и телото го префрлил во бањата. Во следните неколку дена исто така се враќал за да го прикрие делото, ја бришел крвта од подот и од предметите, а телото го пренел во шупата, го затрупал во ров и врз него ставил шперплоча и други предмети.
Во периодот од 30 јули до 5 август кога било откриено телото, обвинетиот во повеќе наврати повлекувал пари со банкарската картичка на жртвата.
Јавниот обвинител, со поднесеното обвинение, побара продолжување на претходно определената мерка притвор за обвинетиот, истакнува ОЈО Кавадарци.
Инаку, како што раскажаа за ВИКИМЕДИА пријатели на Иле, тој живеел сам во куќата на родителите кои биле починати. Го опишаа како некој кој секогаш бил достапен за пријателите и колегите и кој бил многу услужлив. Одлично ја познавал својата работа, и негови колеги од областа на ПВЦ столаријата раскажаа дека кога и да го повикале на помош, или пак да му побарале совет, тој доаѓал и ја завршувал работата максимално професионално. Кажаа и дека немал конфликт со никого, бидејќи бил ретко добра и внимателна личност.
Вики Клинчарова

