Топла и емотивна приказна доаѓа од битолската болница Плодност, а ја објави прим. д-р Таше Трпчевски на официјалната страница на установата, позната по успешното Ин витро оплодување. Имено, пациентка со успешен ИВФ (Ин витро фертилизација) третман, родила здраво женско дете, а по шест години се вратила во болницата.
Овојпат, со истите ембриони замрзнати пред шест години, таа повторно чекала принова, и тоа, како што истакнува д-р Трпчевски, станувало збор за близначка бременост.
-Со оваа пациентка пред шест години ја започнавме приказна со успешен ИВФ третман и раѓање на здраво женско дете.
Денес доаѓаат повторно кај нас и ја имаме привилегијата да оствариме уште една нивна желба со истите ембриони замрзнати пред шест години – ги одмрзнавме трите бластоцисти кои беа замрзнати и две од нив успешно се имплантираа. Резултатот е БЛИЗНАЧКА бременост!
Денес со пациентката можевме за првпат да ги слушнеме двете срца кои се резултат на вербата во нашиот тим и медицината која оди напред.
Оваа приказна е доказ за тоа колку е важна квалитетната криопрезервација и прецизната подготовка на ендометриумот.
Успешноста кај одмрзнати ембриони во нашиот центар достигнува 70–80%, што се должи на врвната работа на нашите ембриолози и правилниот пристап во секој индивидуален случај.
Благодарност до ова семејство за довербата! А јас велам: Алал да ни е, објави докторот.
Ин витро фертилизацијата им донесе надеж на милиони луѓе кои се соочуваат со неплодност. Терминот „Ин витро“ буквално значи „во стакло“, што се однесува на лабораториските садови каде оплодувањето се случува надвор од телото.
Првото бебе од епрувета, Луиз Браун, се роди во 1978 година. До денес, Ин витро третманот постојано се усовршува и растат стапките на зголемување на успехот на ИВФ.
В.К.
Фото: Илустрација
Сонот на едно семејство станал јаве: Со Ин витро третман пред 6 години добила ќерка, сега со истите замрзнати ембриони од пред 6 години – чека близнаци!
2 Mins Read

