Јас сум пензионерка, и сум една од многубројните граѓани кои не гласаа во првиот круг на изборите, а нема да излезам на гласање ниту во вториот круг, и тоа е мое право, за ВИКИМЕДИА раскажува возрасна жена од Неготино, чиј идентитет е познат на нашата редакција.
Нашата соговорничка веќе неколку години живее сама, во пространа семејна куќа на два ката. Вели дека во тек на ден времето и минува некако, низ разговор со комшивки, со продавачки од блискиот маркет, со познаници кои минуваат покрај нејзиниот двор. Но, кога ќе падне ноќта, раскажува дека во тишнината на големата празна куќа, може да си ги слушне и своите мисли. Од дом полн со луѓе, останала сосема сама, бидејќи поради ниските примања првин син и заминал во странство, а потоа и целото негово семејство.
-Отиде син ми, на свои 50 години да започне нов живот во туѓа земја. Овде имаше ниски примања, семејство за издржување. Никогаш не сакаше да членува во политички партии, да оди на партиски митинзи и во партиски штабови. Се мачеа со снаа ми, им пораснаа децата, дојде време и тие да бараат работа. Со мала плата, што попрво да се прави, сметки ли да се плаќаат, деца ли да се школуваат во друг град? Си замина тој, се вработи во странство, по една година замина и снаата, а потоа и внуците. Работат многу, но имаат доволно за достоинствен живот, живеат во европска земја каде се почитуваат човековите права и достоинство.
И сега, ги слушам политичките партии, како не убедуваат да излеземе на избори, да им дадеме глас, ветувања од сите страни. Доволно го давав својот глас, на крај дочекав на овие години да останам сама, и лозјата останаа запустени, оти нема кој да ги работи…
Никој не го заживеа градот, не се донесоа инвестиции, не се отворија солидни работни места за да имаат за што да работат младите луѓе. Имавме можност да живееме и со едната и со другата партија на власт, ништо капитално не се отвори во Неготино. Токму тие слаби политики ни ги протераа децата во странство, и сега ме прашувате зошто не гласам на избори, вели нашата соговорничка.
Освен повозрасни жители кои се разочарани од системот, а чии деца го напуштиле родното огниште, голем е бројот и на помлади граѓани кои не излегле на гласање и кои раскажуваат дека изгубиле верба како еден ден ќе биде подобро.
-Не верувам дека нештата ќе тргнат по угорна линија во градот. Пред неколку години го продадов лозјето кое беше во сопственост на нашето семејство со децении. Не може некој да ме уверува дека 11 денари за килограм грозје се одлична цена, не може некој да ми ветува дека градот ќе стане идеално место за живот, кога и самите гледаме празни улици, што се скршило и оштетило така останало со години, без разлика кој е на власт. Не гласав и не сакам ниту да знам кој ќе биде на власт, затоа што сведочиме како помалите места секогаш се оставени на маргините, вели нашиот соговорник кој е во своите триесетти години.
Повозрасен жител пак, чиј син се преселил во Словенија, вели дека најтешко му паѓа тоа што веќе и внучињата започнале да зборуваат со акцент, а за враќање назад, воопшто не се ни помислувало.
-Мојот син со сопругата и со децата додека уште беа мали, се пресели во странство. Го исшколував, се гордеев кога дипломираше, не можев ниту да помислам дека сега вака ќе живееме, ќе се гледаме на камера. Овде, со неговата струка едвај заработуваше за просечен живот, во Словенија има добар живот, каков што тука со плата од 500 евра не ќе можеше да си овозможи. Јас и сопругата живееме за тие десет дена, кога во лето ќе дојдат да не видат. Внучињата зборуваат со тамошен акцент, нашиот јазик им е стана втор јазик, и премногу ни е тешко. За кого да даваме глас на избори, кога нашите деца веќе не ни планираат да се враќаат овде, прашува неготинец со кого разговаравме.
Вакви и слични приказни има многу, не само во малото Неготино, туку речиси во сите градови во земјава. Конкретно во Неготино, од вкупно 15.920 гласачи запишани во избирачкиот список, во првиот круг гласале само 9.176 лица. Дури 679 ливчиња биле неважечки, што значи дека само 8.497 лица го искористиле своето право на глас.
Околу 7.000 неготинци не го искористиле своето право на глас на 19-ти октомври. По сите актуелни партиски изборни кампањи и ветувања за добар живот на граѓаните, останува да се види дали во недела, на вториот круг од Локалните избори, дел од овие граѓани ќе се предомислат, и сепак ќе излезат на гласачките места, за да учествуваат во изборот на нов градоначалник на општината.
Вики Клинчарова

