Им се заблагодарувам на моите сограѓани кои пред четири години ми ја дадоа довербата да застанам на чело на Општина Неготино, за ВИКИМЕДИА вели д-р Горан Стојанов, градоначалник на општината во заминување, а на чие место доаѓа новоизбраната градоначалничка Марија Нацева, исто така од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој вели дека заминува со чиста совест, бидејќи во годините поминати на функција дал се од себе да допринесе за напредокот на општината. Вели дека е свесен како можело и требало да се направи повеќе за Неготино, но потенцира дека три години од неговиот мандат централната власт беше во рацете на СДСМ, а тој како опозиција, во рамки на своите можности се трудел да го даде максимумот.
-Секогаш на прашањето дали можеше подобро, ќе одговорам со ДА! Сепак, сметам дека реализирав доста проекти, а како што најавив последниов период, следи реализација и на клучни проекти во општината, кои верувам дека мојата наследничка Нацева ќе ги изнесе до крај и ќе ги реализира за време на нејзиниот мандат.
Зборуваме за изградба на нов плоштад, кружен тек, реконструкција со рехабилитација на улици, тротоари, како во градот, така и во населените места, односно за десет капитални проекти за кои општината потпиша договор со Министерството за транспорт во јули годинава.
По официјалното завршување на мојот градоначалнички мандат, се враќам кај моите пациенти, во ЈЗУ Неготино, на мојата примарна професија, доктор специјалист по интерна медицина, вели д-р Стојанов.
За искуствата од функцијата градоначалник, појаснува дека овие четири години ќе ги памти по убави моменти, а сите негативности кои самата функција ги носи со себе, односно критики и лоши коментари од опозицијата, ќе ги остави во минатото.
-Никогаш не сум бил личност која сака да се експонира, се трудев професионално да ја извршувам функцијата, и оставав делата да зборуваат за мене. Не сум од оние кои по секоја цена сакаат да бидат застапени во медиумите, работев на некој начин во тишина, не одговарав јавно на лажни обвинувања, бидејќи бев свесен дека секоја јавна функција со себе носи позитивни и негативни искуства.
Пред четири години влегов во градоначалничкиот кабинет подготвен на секакви задкулисни игри и успеав да се носам со сите предизвици, работејќи во интерес на моите сограѓани.
Сега, продолжувам со работа со моите пациенти, како и досега, со искрени заложби за хуманост и желба да се биде овде, секогаш за своите сограѓани.
Уште еднаш, им се заблагодарувам на сите кои застанаа покрај мене пред четири години, и кои ми беа поддршка и посветени соработници за време на мојот градоначалнички мандат, порача д-р Стојанов.
Вики Клинчарова

