Кавадаречкиот рок бенд Журнал периодов повторно е во полн состав, откако основачот на групата, Лазар Ставров се врати во Македонија, а како што раскажува тој за ВИКИМЕДИА, веќе со полна пареа се работи и на нови материјали.
Претходниот викенд Журнал гостуваше во култниот Мидл Паб во Неготино, долгогодишно збиралиште на љубителите на добрите рок/алтернатива звуци, а настанот помина исполнувајќи ги очекувањата на гостите, во одлична атмосфера, со внимателно избран репертоар, но и со неповторливата енергија на сцената на членовите. Нивната публика знае да каже дека бендот е како квалитетно Тиквешко вино, и со тек на годините звучи се подобро.

Очигледна е спонтаната поврзаност со гостите на секој нивни настап, па концертите на Журнал прилегаат како добро организирана приватна забава, на која секој гостин добива внимание, односно бендот го следи расположението на присутните, и умее во секој момент да понуди песни според пулсот кој владе во локалите каде гостува.
Како што раскажува Ставров, кој во своите рани дваесетти години ја започна приказната со основањето на Журнал, и денес, по повеќе од 20 години настапува со истиот жар.
-Журнал е приказна која трае повеќе од две децении, со мали измени во составот, односно имало периоди кога некој од членовите не настапувал одреден период поради икс причини, но на крај секогаш сите сме се собирале заедно. Вечерва во Мидл Паб сме сите овде, недостасува само вокалистката Ана, која од неодамна настапува со групата.

Пред четири месеци јас се вратив од Германија, каде поминав одреден период, но мене секогаш срцето ми е овде, во родната земја, на сцената со бендот. Убава е Европа, ама каменот си тежи на своето.
Уште како младо момче воден од желбата да создавам и изведувам добра музика, го оформив Журнал, кој со тек на време стана препознатлив рок бренд во Тиквешијата, а и пошироко. Драго ми е што нешто кое било создадено и изградено од чиста љубов, трае со години, драго ми е што локалот вечерва е полн со луѓе кои дошле овде за да се забавуваат со нашите звуци, а расположените лица во публика ни се само уште еден мотив плус да бидеме подобри, да понудиме нешто ново во блиска иднина, вели Ставров.
Тој открива дека периодов се работи на нови материјали во студио, за кои дополнително ќе бидат објавени детали.
Вики Клинчарова

