На 15-ти ноември (сабота) во Скопје ќе се одржи Марш за ангелите, информира граѓанското движење ,,Кој е следен?”
На нивната страница е објавено видео во кое родитеите на загинатите младинци и деца бараат поддршка во својата борба за правда.
-Маршираме од Плоштад Македонија преку Собранието кон Основниот кривичен суд. Болката е наша, но борбата мора да биде заедничка.
Нашето прво доаѓање во Скопје беше крик за видливост. Тој топол априлски ден чекоревме сами, додека градот молчеше. Баравме институциите да нè видат и да нè сослушаат, а добивме само празни ветувања и лажна емпатија.
Од тогаш до денес марширајќи триесет пати во Кочани, не застанавме. Но тоа не е доволно.
Затоа, драги сограѓани, ве повикуваме во сабота масовно да излеземе на скопските улици. Да се погледнеме. Да се запознаеме. Да не чуете одблизу. Без посредници, без извртувања, без лагите и манипулациите кои се обидуваат да не поделат и претстават во лажно светло. Ние сме родителите на ангелите и за нас единствено нешто што остана на овој свет е борбата за правда, а неа не можеме да ја водиме без вашата поддршка.
Свесни сме дека патот до правда ќе биде долг и тежок, исполнет со отпор и искривени намери. Но, ако ја пронајдеме заедничката точка на сплотување и ако застанеме еден до друг, системот нема да има друг избор освен да постапи онака како што бара народот.
Ние веруваме дека Македонија има совест. Дека знаеме да се сплотиме кога најмногу боли. И дека сме подготвени, заедно, да се исправиме против најголемото зло, корупцијата што им го одзеде животот на нашите деца.
Се гледаме на маршот, наведено е на страницата на движењето.
Деск
Родителите на загинатите младинци од Кочани најавија марш во Скопје: Ако се сплотиме, системот ќе постапи како што бара народот!
2 Mins Read

