Синоќа заврши 72-часовната акција за генерално чистење на Скопје, а градоначалникот Орце Ѓорѓиевски објави дека се собрале над 4.500 тони смет од скопските улици.
-Како што ветив пред скопјани, така и направивме.
Покажавме дека со работа, организираност и посветеност, можеме видливо да ги поправиме работите. Повеќе од 2.500 луѓе беа вклучени во оваа акција, стотина возила собраа над 4.500 тони смет од скопските улици.
Со огромно задоволство можам да констатирам дека акцијата е успешно реализирана.
Иако состојбата на теренот беше речиси нереална за да се изведе во ваков краток рок, ние успеавме, истакна Ѓорѓиевски.
Додава дека покрај чистењето на сите микролокации околу контејнерите, започнале и со расчистување на речното корито на Вардар, кое по долги години конечно течело нормално.
-Исчистен е и плоштадот, целосно се третираше кејот, како и Градскиот парк, Жена парк и сите останати локации кои во минатото беа симбол на запоставеност и срам.
Сакам јасно да порачам дека нема да дозволам повторно да ја гледаме грдата слика на валкано и запуштено Скопје. Ги повикувам граѓаните да се однесуваат одговорно кон својот град, да го почитуваат јавниот ред и да го одлагаат отпадот совесно.
Толеранција, нема да има. Во текот на акцијата изречени се повеќе од 40 казни и 70 опомени за физички и правни лица.
Ова, почитувани, не е крај. Од утре продолжуваме со истото темпо на работа, решителност и љубов кон Скопје.
Сликите од минатото ќе останат таму каде што им е местото, а иднината што заедно ќе ја изградиме ќе биде чиста, уредна и достојна за сите нас.
Голема благодарност до мојот тим, до сите кои беа вклучени и помогнаа, како и до медиумите кои објективно го следеа целиот процес.
Продолжуваме – за чисто, уредно и достоинствено Скопје, истакна градоначалникот.
Деск
Previous ArticleЈордан Митев му посвети песна на синот кој го доби на Крстовден

