Фотографии од аматерски изведен тротоар во Неготино, кој ја загрозува сообраќајната безбедност, денес се објавија на социјалните мрежи, проследени со бурни јавни реакции.
Станува збор за реконструкцијата која се изведува на улицата Маршал Тито, наспроти Градскиот стадион до постојката во центарот на градот, односно дел од проектот „Подобрување на условите за квалитетен живот и безбедност на граѓаните преку реконструкција на тротоари во Општина Неготино“ кој се спроведува врз основа на договорот помеѓу Центарот за развој на Вардарскиот плански регион и Општина Неготино.
Градоначалничката на Неготино, Марија Нацева, за ВИКИМЕДИА појаснува дека ова е времено решение, со цел да им се излезе во пресрет на граѓаните кои живееле во тој дел на градот.
Како што истакнува, на тој дел минувал колектор, и граѓаните пред чии домови се вршат работите, имале проблем при влез и излез со возилата. Замолува за трпение, бидејќи тоа нема да биде финалниот изглед на улицата, туку тротоарот ќе бил комплетно рехабилитиран и ќе добиел урбан изглед според сите стандарди.
Додава дека и таа го дели мислењето на повеќето граѓани, дека изгледот на улицата сега е аматерски, но станувало збор за привремено решение, за да не се оштетуваат возилата на граѓаните кои живеат таму, се до целосната рехабилитација.
Во дел од проектот „Подобрување на условите за квалитетен живот и безбедност на граѓаните преку реконструкција на тротоари во Општина Неготино“ спаѓа и реконструкција на тротоар на улица Маршал Тито на потегот од кај паркот до градскиот плоштад од страна на Општина Неготино.
Потребните средства за реконструкција на тротоарите, како што годинава во месец јули соопшти претходниот градоначалник, д-р Горан Стојанов, биле обезбедени од Министерството за локална самоуправа преку апликација од страна на Центарот за развој на Вардарскиот плански регион, а врз основа на предходно склучен договор помеѓу Центарот и Општина Неготино.
Општината во делот на финансирањето учествувала со 20 отсто од вкупната инвестиција за комплетна реализација на проектот.
В.К.

