Помеѓу десетте добитници на наградата ,,13 Ноември” која се доделува во знак на благодарност за луѓето кои со својата работа, знаење и човечност ја продолжуваат борбата за подобро Скопје, годинава беше и неготинецот Диме Илиев. Скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски му ја врачи наградата од областа на уметноста, и порача дека работата и успехот на наградените се доказ дека духот на Скопје живее, во секој што создава, што се грижи и што ја гради иднинатата со срце и посветеност.
Илиев, кој е роден во Кавадарци пред 73 години, во постари интервјуа знаеше да каже дека секогаш бил неготинец, и како само првите три дена од животот ги поминал во Кавадарци, а со децении живее во Скопје.

Тој зад себе има над 370 уметнички остварувања, од кои над 150 во театар. Добитник е на бројни награди, а во екс Ју просторите останува запамтен по улогата во култниот филм ,,Исправи се Делфина” кога играше заедно со Неда Арнериќ пред 49 години. Со неа повторно се сретнаа пред шест години, и тоа само три месеци пред таа да почине, во Центарот за култура во Битола, каде Неда настапи во претставата „Се извинуваме, многу се извинуваме”. Диме беше во публика, па дојде на сцената со бел букет ружи и ја изненади својата колешка со која се немале видено со години.
Доајенот на македонското глумиште, важи за голем професионалец, кој целиот свој живот го посвети на актерството, а ја задржа скромноста и приземноста. Иако со децении наназад живее во Скопје, во родниот град пред петанесеттина години беше прогласен за почесен граѓанин, со одлука на Советот на Општина Неготино, поради дадениот приоднес за афирмација на градот во сферата на културата, и му беше врачена награда – Клуч од градот.
В.К.

