Во Неготино во тек е реконструкција на тротоари, а улицата Маршал Тито од полицијата до маркет Либерта, односно во должина од околу 580 метри, станува улица на белата магнолија.

Тротоарот е изведен од бекатон плочки, а наместо старите дрва, кои беа отстранети бидејќи нивните корени го оштетуваа стариот тротоар, сега се садат магнолии.
Градоначалничката Марија Нацева за ВИКИМЕДИА истакна дека станува збор за околу 150 садници – бела магнолија.
Станува збор за дрво кое има убава цветна крошна со пријатен мирис, отпорно на студ, а кое расте од три до осум метри, во зависност од сортата. Се користи за правење на дрвореди, како и за украсување на паркови и градини. Има плиток коренов систем, за разлика од јаворот и липата, кои најчесто со своите корени можат да предизвикаат оштетувања ако се посадени на помал простор.
Инаку, реконструкцијата на овој дел од улицата е еден од четирите проекти кои општината ги реализира со финансиска поддршка од Владата.

Конкретно овој проект, како што беше соопштено лани во октомври од страна на градоначалничкиот кабинет, е со вкупна вредност од 10.367.576,00 денари со ДДВ, односно околу 169.000 евра. Во таа сума била вклучена и набавката на белите магнолии.
В.К.

