Од Јавното претпијатие Лајка објавија апел за вдомување на Јанез, кучето кое пред неколку дена во крајно лоша состојба беше одземено од лицето кое го чувало затворено, во ужасни услови. Појаснуваат дека страдањето кое секојдневно го трпел оставило последици – го изгубил видот, но со многу љубов и соодветна грижа, тој заслужува да се поправи штетата која му била нанесена, и заслужува шанса за достоинствен живот.
-Јанез е белгиски овчар стар едвај две години – а цели две години неговиот „живот“ се одвивал затворен во кафез, во сопствен измет, хранет само со сув леб. Наместо грижа, љубов и соодветни услови, Јанез секојдневно бил изложен на суровост.
Според сведоштвата, Јанез редовно бил тепан, а во кафезот му биле пукани петарди, што значи дека покрај физичкото насилство, тој со години претрпувал и тешко психичко малтретирање.
Последиците се ужасни:
• Јанез го има изгубено видот,
• мускулатурата му е значително атрофирана поради долгогодишно затворање и неадекватна исхрана,
• има кожни проблеми и општа телесна слабост, информираат од Лајка.
Додаваат дека и покрај сето ова, Јанез останал нежна, тивка и кротка душа.
-Дозволува да се ракува со него, бара близина и ја прифаќа нежноста од човечка рака – нешто што за првпат во животот го доживува наместо суровост и страв.
Навистина не разбираме зошто?
Кое е задоволството да се осуди куче на ваков живот?
Како некој може да предизвика вакво страдање, свесно и секојдневно?
За Јанез ќе направиме сѐ што е во наша моќ за да ја поправиме штетата што му е нанесена – и физички, и психички. Но за неговото целосно закрепнување му е потребно повеќе од ветеринарна грижа.
На Јанез му е потребен дом.
Дом во кој конечно ќе почувствува сигурност, топлина и љубов. Дом што ќе му докаже дека човечкиот род не значи суровост – туку грижа.
Ги повикуваме сите љубители на животни:
Отворете го вашиот дом и срце за Јанез.
Нема подобар лек од љубов, внимание и топло место каде конечно ќе може да се опорави.
Јанез заслужува живот достоен за живо суштество. Заслужува да знае дека вреди, соопштија од Лајка.
Деск
Се бара дом за Јанез, кучето кое никогаш во животот не почувствувало милост: Тој е тивка и кротка душа која заслужува да знае дека вреди!
2 Mins Read

