Денес, на денот кој се одбележува низ целиот свет како „Меѓународен ден против насилството врз жените“, од Секторот за внатрешни работи Велес доаѓа соопштение за уште едно насилство извршено врз 58-годишна жена, кое завршило со приведување на нејзиниот сопруг.
Како што информираат од полицијата, вчера во 17:30 часот, полициски службеници од СВР Велес лишија од слобода 63-годишен велешанец, постапувајќи по претходна пријава дека во семејниот дом тој физички ја нападнал неговата 58-годишна сопруга и и се заканил со остар предмет.
Тој бил приведен во полициска станица, а предметот бил одземен.
Известен бил јавен обвинител и Центарот за социјални работи Велес и по документирање на настанот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.
Инаку, 25-ти ноември е познат во светот и како „Портокалов ден“ – ја подигнува свеста за широко распространетото насилство врз жените и девојките преку портокалово осветлени згради, јавни демонстрации и разни настани.
И покрај бројните превентивни кампањи и настани за подигање на јавната свест во земјава, дневните полициски билтени секојдневно се полнат со настани на семејно насилство, во кое најголемиот број на жртви се жените.
Деск

