Денес во Неготино се одржа третото издание на манифестацијата ,,Неготинско младо вино” на градскиот плоштад. Беа поставени штандови на кои локалниите производители ги промовираа своите производи – вино, манџун и мед, кои се традиција за регионот, а настанот имаше и хуманитарна нота – беа поставени кутии за донации за помош за лекување на малата Лилјана Коцева која треба да замине на хируршка интервенција на клиника во Турција.

На поставената бина настапија Фолклорен ансамбл Ацо Ѓорчев и специјалната музичка гостинка Дани Димитровска со придружен бенд.
Дани, која важи за еден од најквалитетните женски вокали на домашната музичка сцена, заедно со бендот, буквално ја остави својата душа на бината со одличните изведби на нејзини авторски песни, но и со најголемите макфестовски рефрени, како и хитови од нејзините колеги.
Сепак, и покрај квалитетните вина созададени со многу љубов и посветеност од страна на производителите, и останатите традиционални производи кои се нудеа, како и покрај одличната музичка програма, настанот помина без очекуваниот број на публика, со неколку стотици посетители.

Пред крајот на програмата, водителката на настанот, Даниела Ѓоргиева Донческа истакна дека градоначалничката Марија Нацева, која беше помеѓу присутните на градскиот плоштад, за наредното издание на ,,Неготинско младо вино 2026” најавува уште побогата програма, со цел да се слушне за оваа манифестација која има тенденција да прерасне во голем бренд во Неготино, и на која се промовираат автентичните локални производи кои се гордост на производителите и на локалното наслеление.
Вики Клинчарова

