Во ново интервју за „Sunday Morning“ на CBS News, фронтменот на „Металика“, Џејмс Хетфилд, зборуваше за тоа што го држи да продолжи по повеќе од четири децении на сцената. Додека седи мирно, речиси скромно, спроти новинарките, јасно е дека сè уште го има истиот немир од неговите гаражни денови – но сега збогатен со искуство, благодарност и потреба музиката да остане место за средба, а не само бучава.
Хетфилд признава дека поврзувањето со публиката е клучното нешто што го држи да продолжи. „Доволно е да се погледне само еден пар очи во публиката. Гледам страст во нив и веднаш се полни. Срцето ми се полни и сум подготвен да продолжам – да напредувам, да рокам“, вели тој, а на неговото лице се гледа таа препознатлива мешавина од нежност и челична решителност. За него, концертот не е форма – тоа е размена на енергија што го враќа во живот.
Зборувајќи за своите почетоци, Хетфилд се навраќа на тивката среќа што ја пронашол својата страст рано. „Имав родители кои ги поддржуваа моите лудории“, вели тој со смеа. „И се мачев, секако. Борбата е дел од сето ова. Морав напорно да работам за да го добијам она што го сакам.“ Зад еден одличен бенд стојат години сомнежи, обиди, неуспеси, а тој дел Хетфилд никогаш не го крие – напротив, тој го носи како доказ дека автентичноста никогаш не излегува од мода.
Најемотивниот дел од интервјуто е за тоа што Металика претставува за публиката ширум светот денес. Хатфилд опишува сцени од првите редови: деца, тинејџери, родители, баби и дедовци – генерации кои се среќаваат на истото место од истата емоција. „Ја имам најдобрата работа на светот. Гледам три генерации луѓе како се прегрнуваат на истиот концерт. Тоа е нешто што никогаш не сум замислувал дека ќе се случи“, искрено додава тој.

Хетфилд зборува и за тоа специфично „семејство“ на Металика, заедница составена – како што вели тој – од „сите можни отпадници што ги испратил овој свет“. Но, токму во таа разновидност Металика изгради дом. „Ние од тоа создаваме семејство. И создаваме енергија што ни помага да пребродиме сè што ни носи животот“. Затоа Хетфилд не го губи својот оган: затоа што музиката сè уште го прави најважното нешто – поврзува.
Со повеќе од 145 милиони продадени албуми низ целиот свет, останува фактот дека Металика е многу повеќе од бројки и признанија. Дури ни Хетфилд не го мери успехот на тој начин. За него, вистинската победа е моментот кога ќе види како се пренесува приказната – од родители до деца, од деца до внуци. Ова е причината зошто, како што вели тој, „тој секогаш ќе има место за уште еден аплауз, уште еден поглед, уште еден момент на сцената“.
Пораката на Хетфилд, искажана тивко и без спектакл, изгледа како наједноставната формула за преживување во свет каде што сè брзо се консумира: страст, благодарност и луѓе. И Металика, се чини, сè уште стои на тие три столба.
Деск
Фото: Ross Halfin Photography

