Поранешниот неготински градоначалник д-р Горан Стојанов од редовите на ВМРО – ДПМНЕ изминатиот период повторно е во центарот на вниманието на јавноста, откако на страницата на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се објавија податоци дека во октомври минатата година, додека беше на функција, купил мотоцикл БМВ кој изнесувал 100 милиони денари, односно над еден милион и 600 илјади евра.
Покрај тоа, на официјалната страница на ДКСК е објавено дека поранешниот градоначалник има долгови кон банки во земјава на име кредит во вредност од 102 милиони денари, односно над еден милион и 650 илјади евра, кој го подигнал лани во септември.

Огромните суми објавени во делот за податоци на имоти и долгови на јавни функционери од страна на Државната комисија за спречување на корупцијата, предизвика лавина од коментари во општината како и бројни шпекулации.
Сепак, како што појаснува д-р Стојанов за ВИКИМЕДИА, станувало збор за печатна грешка направена од вработените во ДКСК, на која тој, како што вели, не реагирал, па дезинформациите се прошириле за кратко време.
-Вистината е дека купив мотоцикл, тоа беше моја долгогодишна желба, и истиот изнесува околу 11.000 евра. Тоа се податоци кои се лесно проверливи. Подигнав кредит од околу еден милион денари, значи од околу 16.000 евра, го купив моторот лани, кредитот треба да го вратам до септември 2028 година.
Милионските суми кои се објавени на страницата на антикорупциска, секој лаик веднаш ќе забележи дека се печатна грешка, и токму поради тоа не реагирав на време, мислев дека е толку очигледно, што нема потреба да појаснувам.
Но, за жал, како и многупати во минатото, токму поради тоа мое нереагирање на бројни измислици пласирани против мене, се случува одреден број на луѓе да поверуваат во невистините. Оние пак, кои добро ме познаваат, знаат дека нема такво нешто, дека јас сум првенствено лекар, а не бизнисмен кој склопува бизниси за вртоглави суми, вели д-р Стојанов.
Тој додава дека по завршувањето на градоначалничкиот мандат повторно е на своето старо работно место, во ЈЗУ Неготино, каде работи како лекар специјалист по интерна медицина и секојдневно е со своите пациенти.
-Не планирам да градам приватна клиника, тоа е уште една шпекулација за која сметав дека нема потреба јавно да реагирам и да појаснувам, овде сум, во јавното здравство покрај моите пациенти, белиот мантил секогаш бил мојот прв избор и искрено, ми недостигаше мојата примарна работа во изминатите четири години, истакна докторот.
Инаку, ВИКИМЕДИА се обрати и до Државната комисија за спречување на корупцијата, по повод сумите објавени во анкетниот лист на поранешниот градоначалник. Од таму ни изјавија дека ќе го разгледаат случајот, и во најбрз рок ќе ни одговорат на прашањето, дали навистина се случила печатна грешка. Веднаш по добивањето на официјалниот одговор, истиот ќе го објавиме.
Вики Клинчарова

