Цели десет месеци траеше агонијата, но истовремено и надежта на семејството Тодорови од Неготино, чиј син и брат Миле (28) исчезна среде бел ден на 30-ти јануари годинава. Агонија, бидејќи не знаеја каде е и дали воопшто е жив, но и голема надеж, дека тој сепак е добро и ќе се врати во семејниот дом.
Денес, семејството за ВИКИМЕДИА ја потврди лошата вест, дека телото на Миле е пронајдено и тој ќе биде погребан утре (петок) на градските гробишта во неговиот роден град, од 12 до 13 часот.
Информацијата дека во атар на село Сопот, Кавадарци се пронајдени остатоци од човечко тело, првично ја соопшти Министерството за внатрешни работи на осми октомври. Остатоците беа предадени за обдукција и ДНК анализа, со цел утврдување на идентитетот, а блиските на Миле од тој момент минуваа низ уште една голема неизвесност, до последно надевајќи се дека нивниот син и брат, сепак е жив.

Надежта дека Миле не е починат уште повеќе беше подгреана, кон крајот на месец март, кога неговото семејство добило телефонски повик од лице кое го познавало, и кое тврдело дека го видело Миле на регионалниот пат Неготино – Штип, на планината Серта. Веднаш пријавиле во полиција и известиле за дојавата, по што екипи на МВР со дронови и кучиња трагачи започнале масовна потрага, но не наишле на траг од младото момче.
И во периодот кога исчезна, зимава, со недели организирано се трагаше по него, беа вклучени стручни екипи, голем број на волонтери, а и хеликоптер.
Се пребаруваше околината долж патниот правец Кавадарци – Неготино, каде Миле бил последен пат забележан, а потоа потрагата се прошири дури до реката Вардар.
Пријатели на Миле, заедно со негови роднини и сограѓани беа активно вклучени, во надеж дека момчето ќе биде пронајдено.
Како што денес за ВИКИМЕДИА истакна Марија, сестрата на Миле, локацијата каде било пронајдено неговото тело, според информацијата која ја имале, не била проверена во тој период.
Денес, целиот град се простува со Миле- Скечо, со објави на негови фотографии на социјалните мрежи, а граѓаните го спомнуваат како момче кое секогаш било насмеано, како посветен спортист и млад човек кој со никого не се замерил.
Со него се простуваат и неговите пријатели од навивачката група Винари, кои до последен момент го спомнуваа и упатуваа пораки дека го чекаат да се врати.
Вики Клинчарова

