Скопје добива модерен Луна парк, кој ќе се простира на 84.000 квадратни мерти, соопшти градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Тој објави дека денес започнува јавната набавка за проектирање и монтажа на новиот Луна парк.
-По децении изминати во кои генерации деца беа лишени од местото што им припаѓа, место за игра, радост и незаборавни моменти, конечно започнуваме со реализација на проект што ќе ја означи новата ера на семејна забава во нашиот град. Пред нас е изградба на ултра модерен Луна парк, еден од најдобрите во регионот, изграден според највисоки европски стандарди.
Ќе има ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри, зони со виртуелна реалност и целосно ново ниво на урбана забава, а посебно внимание ќе се посвети на пристапноста.
Панорамско тркало, пиратски брод, подморница, среќна лулашка и уште многу други реквизити ќе создадат уникатна атмосфера која ќе го збогати туристичкиот имиџ на Скопје, соопшти градоначалникот.
Како што посочува, Луна паркот ќе биде комплетно прилагоден и за лицата со попреченост, со најсовремени системи за безбедност, видео надзор и прва помош.
-На овој простор од 84.000 квадратни метри ќе никне место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде ќе има зони за одмор, улична уметност, локации за културни настани и театар со затворена сцена, соопшти Ѓорѓиевски.
Деск

