Шампионот во бодибилдинг Тоше Зафиров, кој е доста активен на социјалните мрежи, каде во видео објави споделува моменти од свеото секојдневие, но и раскажува за неговите животни вредности, во нова објава потсетува на значењето на корените, како и за важноста на поддршката која ја добивал од неговата мајка.
Во видео кое го објави, тој ја посети својата мајка во населбата Тимјаник, Неготино, од каде што потекнува. За време на посетата во родниот крај, мајка му на Зафиров му подготви традиционален домашен јајчаник, симбол на едноставноста и топлината на домот.
И покрај големите спортски успеси во Македонија и надвор од неа, како и престојот и ангажманите во Дубаи, Зафиров истакнува дека корените и семејството остануваат негова најсилна врска и потсетник од каде тргнал. Во видеото, тој споделува и личен момент, нагласувајќи дека по смртта на неговиот татко, мајка му била неговата најголема поддршка.
Снимката предизвика бројни позитивни реакции, а јавноста го поздрави неговиот искрен и достоинствен гест, кој уште еднаш потсетува дека вистинските вредности не се мерат со успеси, туку со човечност.
Иако долги години не живее во Неготино, Зафиров секогаш бил голем промотор на својата општина, а неговите сограѓани раскажуваат дека секој од Неготино, кој студира или работи во Скопје, бил добредојден во неговата теретана во Скопје, бесплатно да ги користи услугите кои се нудат.
Освен промоцијата на родниот крај, тој и неговата сопруга Габриела и ќерката Ангела, кои исто така професионално се занимаваат со бодибилдинг, ја користат секоја прилика, кога се на натпревар надвор од земјата, да го истакнат македонското знаме.
Марија Клинчарова
ЗАФИРОВ ВО РОДНИОТ КРАЈ: ДОМАШЕН ЈАЈЧАНИК, КАКО СИМБОЛ НА ЕДНОСТАВНОСТА И ТОПЛИНАТА НА ДОМОТ
2 Mins Read

