ОВР Неготино, до Основното јавно обвинителство Кавадарци, поднесе кривична пријава против Л.П.(42) од Демир Капија, П.Ј.(50) од Неготино, против општина Демир Капија и јавно претпријатие за комунални работи „Бошава“ од Демир Капија поради постоење основи за сомнение дека сториле кривично дело „загадување на животната средина и природата“ по член 218 од Кривичниот законик, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Како што известија од таму, во периодот од јуни до октомври 2025 година, Л.П. во својство на поранешен градоначалник на општина Демир Капија и П.Ј., во својство на поранешен директор на јавното претпријатие за комунални работи „Бошава“, овозможиле инсталирање на несоодветна електрична и водоводна мрежа на претходно избушен бунар за вода за пиење во село Прждево, демиркаписко, без да поседуваат документација за техничка исправност на бунарот.
-Во наведениот период во повеќе наврати овозможиле дотур на водата до резервоарот за вода за пиење и со тоа ги занемариле законските обврски и дозволиле бунарот да биде слободно достапен на жителите на село Прждево, со што придонеле за настанување на состојба на контаминација на водата за пиење, која била закана по здравјето на околу 120 жители на селото, истакнаа од МВР.
Деск
КРИВИЧНА ПРИЈАВА ПРОТИВ ЕКС ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА ДЕМИР КАПИЈА И ЕКС ДИРЕКТОР НА КОМУНАЛНОТО ПРЕТПРИЈАТИЕ: ПРИДОНЕЛЕ ДА СЕ ЗАГАДИ ВОДАТА ЗА ПИЕЊЕ ВО ПРЖДЕВО
1 Min Read

