Добре Митрев, правникот кој стана познат за пошироката јавност пред три години, кога најави отворање на бугарски клуб-канцеларија во Кавадарци, кој на крај не се отвори, бил на средба со бугарскиот претседател Румен Радев.
На средбата, која се одржала во Бугарија, како што самиот објави, бил заедно со повеќе Македонски Бугари, а за да ги запрел шпекулациите, тој решил јавно да ја обелодени целта на посетата.

-Бевме за да се заблагодариме за сета помош, што Бугарија ја даде за лекувањето на децата настрадани во трагедијата во Кочани. Бевме за да се заблагодариме што Бугарија помогна за спасување на македонскиот електро систем, кога тој беше пред колапс. Се заблагодаривме, што конечно се потпиша договорит за градење на коридор 8.
Бевме за да побараме бугарските универзитети да ги зголемат квотите за студентите од Македонија, дадовме предлог, да се организира средба на повеќе генерации студенти кои завршиле во Бугарија, па тие да го кажат нивното искуство за нивниот престој таму додека студирале. Па, да видиме дали е баш така, како што некои македонски медиуми и новинари ја представуваат Бугарија.
Бевме и добивме уверување дека промената на уставот и почитувањето на договорот е единствениот услов за почнувањето на преговорите на нашата земја со Европската унија.Е тоа беше нашата цел, објави Митрев.
Со кавадарчанецот разговаравме во времето кога низ градот се прошири веста дека ќе отвора бугарски клуб – канцеларија, пред три години, во период кога јавноста беше вознемирена поради тогаш актуелното отворање на бугарски клубови во Битола и Охрид.
Како што тогаш појасни, тој бил роден и израснат во Кавадарци, неговите претци биле родени во Кавадарци, а од кога добил можност, се декларирал како Македонски Бугарин и долги години бил претседател на здружението ,,Македонско – Бугарско пријателство – Скопје”.
Потенцираше дека целта му е да придонесе во развојот на градот, и здружението се залагало да им се помага на студентите од Македонија кои решиле да студираат во Бугарија, за промоција на културата, како и размена на студенти. Кажа и дека самите се финансирале од разни фондови, а тој бил голем донатор, кој зад себе имал донации од околу 30 до 40 илјади евра.
Инаку, според официјалните податоци од бугарската Изборна комисија, за време на парламентарните избори во Бугарија кои се одржаа 2021 година, од Кавадарци 45 граѓани се пријавиле на гласање. На последниот попис кај нас пак, нешто повеќе од 3.000 граѓани се декларирале како Бугари.
Вики Клинчарова

