Речиси и да не може да се најде слободно сместување во хотелите и апартманите во Охрид за време на новогодишниот дочек, и десеттина дена пред Новата година, на страницата Букинг, достапни се само околу два проценти од сместувачките капацитети.
Цените за сместување на две лица, за една ноќ, односно за 31-ви декември, се движат од околу 5.000 денари, па нагоре, се до неколку стотици евра во полуксузните хотели.
За граѓаните кои решиле да ја дочекаат Новата година во Охрид, се нудат интересни забавни содржини во центарот на градот, и тоа за сите возрасти. Во тек на ден се одвиваат програмите за младите генерации, а пак навечер настапуваат познати музичари.
Конкретно, за дочекот ќе настапат Ѓоко Танески, Ефто Пупиноски, Влатко Лозаноски и диџеј Багзи.
Наредната ноќ, на први јануари 2026 година, најавени се концерти на Фузија и Меморија.
Освен дочекот на отворено, има организиран дочек со жива музика и во повеќето ресторани и хотели. Гостуваат голем број на музички имиња од фолк и поп сцената, а влезниците најчесто изнесуваат од 3.000 денари по лице, па и до 6.000 денари во одредени локали.
В.К.
Previous ArticleРАДЕ ШЕРБЕЏИЈА СО КОНЦЕРТ ВО СКОПЈЕ, ВЛЕЗНИЦАТА Е 1.500 ДЕНАРИ

