Групата Queen за првпат ја објави божиќната песна со наслов „Not For Sale (Polar Bear)”, снимена уште во 1974 година, за време на работата на нивниот втор студиски албум „Queen II”.
Нумерата тогаш не била вклучена во конечната верзија на албумот, но сега, речиси половина век подоцна, за првпат официјално ѝ е претставена на јавноста – токму во пресрет на Божиќ.
Песната е снимена за време на сесиите за „Queen II”, чие реиздание се очекува во 2026 година.
Во пресрет на тоа издание, бендот одлучи да ја сподели оваа ретка снимка со фановите. Премиерата на песната ја имаше гитаристот Брајан Меј, кој ја пушти за време на своето гостување и водење програма на радио-станицата Planet Rock во понеделник, 22 декември.
Меј, кој е автор на песната уште од времето на неговиот претходен бенд Smile, изјави дека нумерата „се навраќа многу далеку во минатото, но колку што нему му е познато – никој досега не ја слушнал оваа верзија“.
Тој додаде дека станува збор за работна верзија која ќе се појави на претстојното „реконструирано“ издание на албумот „Queen II”.
„Ова е дело во настанување и ќе биде дел од идното реиздание на албумот што пристигнува следната година, но решив да ја ‘провлечам’ во мојот специјал на Planet Rock бидејќи навистина ме интересира што ќе мислат луѓето за неа“, изјави Меј.
„Се надевам дека сите ќе имаат прекрасен Божиќ и одлична Нова година.“ Во текстот се потсетува и на легендарната гитара Red Special, која Брајан Меј и неговиот татко Харолд сами ја изработиле на почетокот на шеесеттите години, бидејќи не можеле да си дозволат познат фабрички инструмент.
Гитарата е направена од махагони од стара каминска греда, со врат од даб и копчиња од бисер, а во текот на седумдесеттите и осумдесеттите години станала препознатлив заштитен знак на звукот на Меј и на самиот бенд Queen.
Сопругата на Меј, актерката Анита Добсон, неодамна навести дека, иако Queen работат на нова музика со Адам Ламберт, враќање на големи светски турнеи не е веројатно.
„Ќе работат на некои помали проекти, но не и на големи турнеи“, изјави таа. Исто така се потсетува дека Брајан Меј минатата година доживеал полесен мозочен удар, кој, како што изјави, се случил „ненадејно, од никаде“.
Привремено ја изгубил контролата над едната рака и го опишал искуството како „малку застрашувачко“, но подоцна успешно се опоравил.
М.К.
Previous ArticleСВЕТСКИ ПОЗНАТИОТ ЛАНЕЦ НА МАРКЕТИ СПАР ДОАЃА ВО КАВАДАРЦИ?!

