Доживотна казна затвор доби С.И. (43) од Кавадарци, кој го убил својот една година помлад брат Илија Иванов.
По поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Кавадарци, Основниот суд во Кавадарци изрече пресуда врз основа на признание на вина со која го огласи за виновен 43-годишниот С.И. за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 4 (од користољубие) и го осуди на казна доживотен затвор.
Убиството кое ја згрози јавноста се случи на 27-ми јули годинава, за роденденот на Илија. Убиецот верувал дека брат му сака да го земе целиот имот од родителите, па со тап дел од тесла го удрил по главата. Кога паднал, уште двапати го удрил и му нанел смртоносни повреди.
Потоа обвинетиот си заминал, а следниот ден се вратил во домот на оштетениот и телото го префрлил во бањата. Во следните неколку дена исто така се враќал за да го прикрие делото, ја бришел крвта од подот и од предметите, а телото го пренел во шупата, го затрупал во ров и врз него ставил шперплоча и други предмети.
Во периодот од 30 јули до 5 август кога било откриено телото, обвинетиот во повеќе наврати повлекувал пари со банкарската картичка на жртвата.
Обвинението беше поднесено на 28 октомври, а обвинетиот во целост го призна начинот на извршување на делото онака како што беше наведен во обвинителниот акт.
Настанот ја потресе јавноста, а посебно кавадарчани кои лино го познавале Илија, и кои за него тврдеа дека бил многу мирен и повлечен човек, кој не газел на мравка.
Живеел сам во куќата на родителите кои биле починати, секогаш бил достапен за пријателите и колегите и бил многу услужлив. Одлично ја познавал својата работа, и негови колеги од областа на ПВЦ столаријата раскажаа дека кога и да го повикале на помош, или пак да му побарале совет, тој доаѓал и ја завршувал работата максимално професионално.
Кажаа и дека немал конфликт со никого, бидејќи бил ретко добра и внимателна личност.
Деск

