Премиерот Христијан Мицкоски најави инвестиции во железничкиот транспорт во износ од 21 милион евра, наменети за набавка на до пет нови електрични локомотиви, заедно со неопходни резервни делови.
Како што истакна, оваа инвестиција ќе се реализирала преку Договор за заем помеѓу МЖ Транспорт и ЕБРД, а ѝ претходела темелна анализа за реалните потреби, функционалноста и оперативноста на МЖ Транспорт – анализа која јасно покажала дека без модерни и функционални локомотиви, железницата не може да ја исполни својата економска улога.
-Мораме искрено да кажеме состојбата којашто ја наследивме беше катастрофална.
До неодамна, МЖ Транспорт немаше ниту една целосно функционална локомотива. Повеќе од дваесет меѓународни товарни композиции беа стопирани во Гевгелија, без можност товарот да се транспортира кон европските пазари. Тоа значеше изгубени договори, изгубени приходи и изгубена доверба, вели Мицкоски.
Додава дека сепак, работите почнале да се менуваат.
-Со напорна, посветена и одговорна работа, од јули до септември 2024 година беа ставени во функција пет локомотиви, а до февруари 2025 година – вкупно десет од 46 постојни локомотиви. Тоа беше првиот чекор кон стабилизација, но и јасен сигнал дека проблемите не се решаваат со декларации, туку со работа.
Сепак, мора да бидеме свесни за реалноста, просечната старост на дизел локомотивите е над 60 години, а на електричните над 40 години. Тоа не е одржливо, ниту економски, ниту безбедносно, ниту еколошки.
Затоа целта на оваа набавка е јасна и недвосмислена, да се зголеми бројот на расположливи локомотиви, да се зголеми капацитетот за транспорт на стоки, и со тоа да се зголемат приходите и финансиската стабилност на МЖ Транспорт. Железницата мора повторно да стане двигател на извозот и логистиката, а не тесно грло на економијата, изјави Мицкоски.
Деск
Previous ArticleАВТОПОРТРЕТ НА ФРИДА КАЛО ПРОДАДЕН ЗА 54,7 МИЛИОНИ ДОЛАРИ

