Документарниот филм за Кортни Лав „Antiheroine“ го открива нејзиниот живот без филтер и без извинување. Филмот е вклучен во програмата на фестивалот Санденс 2026.
Новиот документарен филм за Кортни Лав, под наслов „Antiheroine“, е најавен како дел од официјалната програма на Филмскиот фестивал Санденс за 2026 година, пишува NME. Филмот го режираат Едвард Лавлејс и Џејмс Хол, автори на остварувањето од 2014 година The Possibilities Are Endless, кое го следеше опоравувањето на пејачот Едвин Колинс по мозочен удар.

Продукцијата ја потпишува куќата Dorothy St. Pictures — истата екипа зад неодамнешната Нетфликс-серија за Викторија Бекам, како и документарецот Pamela: A Love Story од 2023 година.
Во официјалниот синопсис на филмот се наведува: „Пејачката, авторка на песни и актерка Кортни Лав долго време има силно влијание врз рок и поп културата. Денес, трезна и подготвена да објави нова музика за првпат по повеќе од една деценија, Кортни е подготвена да ја раскаже својата приказна — без филтер и без извинување.“
Филмот ќе биде прикажан во рамките на програмата на Санденс 2026, која го вклучува и The Moment, документарецот во кој Чарли Икс-Икс глуми измислена верзија од самиот себе. Пејачката ќе се појави на фестивалот и во филмот The Gallerist, каде што игра заедно со Џена Ортега, како и во еротскиот трилер I Want Your Sex, во кој глуми заедно со Купер Хофман и Оливија Вајлд.
Фестивалот Санденс ќе се одржи од 22 јануари до 1 февруари. Како фронтменка на бендот Hole и како соло уметница, Кортни Лав остана впечатлива фигура на музичката сцена уште од деведесеттите години. Нејзиниот последен албум со бендот беше Nobody’s Daughter од 2010 година, додека последниот соло албум America’s Sweetheart беше објавен во 2004 година.
Како што навестува синопсисот, таа моментално работи на долгоочекуван нов соло албум, за чиј напредок — како и за својата автобиографија — зборуваше во март. Во тој период откри и дека планира да стане државјанка на Велика Британија.
„Навистина ми е драго што сум тука. Прекрасно е да се живее овде. Конечно ќе добијам британско државјанство за шест месеци. Станувам граѓанка — аплицирам, човече! Нема да можете да се спасите од мене!“, изјави таа.
М.К.

