Оливера Балашевиќ, вдовицата на кантавторот Ѓорѓе Балашевиќ, го привлече вниманието на јавноста со одлуката на корицата на книгата „Планета двориште“ повторно да го користи своето моминско презиме Савиќ. Тој гест кај дел од публиката предизвика сензационалистички толкувања, иако самата авторка многу јасно објасни дека зад него не стои никаков скандал, раскин со минатото ниту семејна драма. Како што наведе, презимето Савиќ носи силно лично и емотивно значење. 
Тоа е презимето на нејзината мајка и симбол на семејното наследство кое го обликувало нејзиниот идентитет пред сите јавни улоги. На тој начин, моминското презиме не е знак на оддалечување, туку гест на почит, благодарност и тивка посвета, наместо класично, јавно изговорено објаснување.
Оливера нагласи и дека станува збор за еден вид интимен ритуал, па дури и доза на лично суеверие – знак на заштита, сеќавање и внатрешна врска со просторот на детството и куќата „крај Бегеј“. Во тој контекст, презимето станува симбол, а не порака упатена до јавноста, уште помалку до медиумите желни за конфликт, реагира таа.
Реагирајќи на насловите кои се обидоа нејзиниот потег да го претворат во вест со скриено значење, Оливера отворено зборуваше за заморот што доаѓа со статусот на јавна личност.
Кога некој ќе стане дел од колективната култура, често се брише границата меѓу приватниот избор и „јавната сопственост“, што доведува до погрешни и површни заклучоци. Во таков амбиент, дури и личен гест може да биде погрешно протолкуван.
„На корицата на книгата која е повод за моето огласување се појавува и презимето Савиќ, моето моминско, а животно презиме на мојата мајка. Го ставив од почит, наместо посвета, а помалку и од суеверие, како симбол на ангелот што бдеел над едно куќиче крај Бегеј“, напиша Оливера на Фејсбук.
М.К.
Previous ArticleПРИВРЕМЕНО ЗАТВОРЕНИ 26 УГОСТИТЕЛСКИ ОБЈЕКТИ, ИНСПЕКЦИСКИТЕ НАДЗОРИ ПРОДОЛЖУВААТ И ВО НАРЕДНИОТ ПЕРИОД
Next Article ОД ДЕНЕС ДО ПЕТОК ЌЕ НЕМА БЛОКАДИ ВО ГРЦИЈА

