Хуман такси возач од Неготино им ја разубави новогодишната вечер на бездомните кучиња кои живеат во центарот на градот, носејќи им десет килограми храна.
Неговиот идентитет е познат на редакцијата на ВИКИМЕДИА, но инсистира да остане анонимен, бидејќи, како што вели, не станува збор за некоја голема сума на пари, а чинот е направен затоа што секојдневно ги гледал кученцата и му било јасно колку им е тешко секојдневието на улиците, посебно во ладните зимски месеци.
-Ние, такси возачите во градот, ги знаеме сите улични кучиња, затоа што секојдневно ги гледаме, им даваме и имиња, а најчестото име е Џеки. Нека се радуваат Џекињата за празниците, грев е што се постојано гладни, препуштени самите на себе. Мирни се, сакаат да си играат, се радуваат кога некој ќе им посвети внимание.
Нека овој мој скромен гест ги мотивира и останатите граѓани, нека проработи емпатијата, затоа што светот ни припаѓа подеднакво на сите, како на луѓето, така и на животните. На крајот на денот, ние се враќаме во нашиот топол дом, додека животните се препуштени сами да се снаоѓаат на студот и да се борат со гладот, ни раскажа неготинецот, чиј гест ја враќа вербата во човечката добрина и можност да се прават позитивни промени.
Тој и самиот дома чувал куче, па упати желба во Новата година, што повеќе луѓе да се решат да вдомат миленик, за да се намали бројот на бездомни кучиња кои за жал, се честа слика во сите градови во земјава.
Вики Клинчарова

