Мистериозниот уличен уметник Бенкси го потврди авторството на нов мурал во Лондон, кој прикажува две деца во зимска облека како лежат на земја и покажуваат кон небото. Оваа сцена, која веднаш го привлече вниманието на минувачите, е неговото најново дело.
Бенкси го потврди делото со објавување две фотографии од муралот на својот официјален Инстаграм-профил, неколку часа откако се појави на ѕид во лондонската населба Бевис Маркс. Делото веднаш предизвика шпекулации за неговото авторство, а британските медиуми објавија дека јавниот интерес пораснал штом се појави муралот.
На истиот ден, идентична слика се појави во подножјето на една кула во централен Лондон, но, според АП, Бенкси не ја објави таа верзија, па се претпоставува дека не е негово дело.
Според “Гардијан”, Лондон доби најмалку еден нов мурал од Бенкси за Божиќ оваа година, што стана своевидна традиција. Неговите слики и инсталации на аукции се продаваат за милиони и често се цел на крадци и вандали.
Бенкси ја започнал својата кариера сликајќи на ѕидовите во Бристол, користејќи спреј-боја и шаблони, а сега се смета за еден од највлијателните и најпрепознатливите современи уметници.
Деск

