Народниот обичај кој датира уште од далечно минато кај Македонците е палење на коледарски оган, вечерта пред Бадник. Речиси секое маало во минатото имаше свој оган, покрај кој се собираа и се дружеа луѓето, најчесто со греана ракија и песни, а традицијата, иако со намален број на огнови, продолжува и денес.

Во изминатите години беа актуелни повиците на црквата, да не се палат коледарски огнови, туку дрвата да се донираат на сиромашните. И покрај апелите, и поделените мислења на народот околу тоа дали овој обичај е во спротивност на тоа како верниците треба да ги поминуваат деновите пред Божиќ, коледарските огнови во земјава, иако не се така распространети како во минатото, сепак опстојуваат.
За многумина тие се повод за дружење пред божиќните празници, но и начин да се сочува традицијата, која на овие простори била застапена од памтивек.
Според народните верувања, коледарскиот оган ги прочистува луѓето и просторот, ја брка лошата енергија и носи здравје и плодност во домовите, а истовремено го зацрврстува чувството на заедништво.
Според етнолозите, ваквите обичаи имаат важна улога во одржувањето на локалниот идентитет. Тие не се само дел од минатото, туку жив облик на култура што продолжува да ги поврзува луѓето и да ја чува духовната вредност на празниците.
В.К.

