Денеска ги презентиравме резултатите од заедничката кампања „Кажи НЕ на пиротехника“, која ја реализиравме заедно со Министерството за здравство и Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија, соопшти министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Вели дека преку силен акцент на превенцијата, полициските службеници и лекарските тимови одржале бројни едукативни активности во училиштата низ државата, испраќајќи јасна порака дека пиротехниката не е играчка и може да остави трајни последици.
-Паралелно со превенцијата, МВР постапуваше решително и во сузбивање на нелегалната трговија. Во текот на 2025 година запленивме над 252.000 парчиња пиротехника и поднесовме 37 кривични пријави, а неодамна реализиравме и најголема заплена досега – над 35 тони пиротехнички средства.
Оваа кампања продолжува и понатаму. Нашата цел е јасна – да развиеме свест и да дојдеме до момент кога нема да имаме ниту една повреда од употреба на пиротехнички средства.
Кажи НЕ на пиротехника. Безбедноста нема алтернатива, порача министерот.
Деск

