16-годишниот Стивен Ивановски, по потекло од делчевско, кој загина во пожарот во бар во Швајцарија за време на новогодишната ноќ, ќе биде погребан денес, на гробиштата во Орон-ла-Вил во 14.30 часот, соопшти македонското друштво Пианец.
-Стивен Ивановски имаше само 16 години. Како и многу други млади, тој замина во Кран-Монтана со својата постара сестра за да го прослави дочекот на Новата година — момент на радост, безгрижност и надеж.
Таа ноќ, судбината удри со незамислива сила. Стивен го загуби животот во тој бар. Неговата сестра, која излезе малку на воздух, за среќа преживеа. Трагичен сплет на околности. Случајност. Страшната судбина на ова братство.
Стивен зад себе остави семејство скршено од болка, засекогаш обележано од оваа брутална и неразбирлива загуба. Живот прекинат премногу рано. Отсуство што ќе остави огромна и неизбришлива празнина, објавија од Пианец.
Со цел да му се помогне на семејството во тешките моменти, отворена е и сметка за донации.
-Оваа хуманитарна акција е создадена за да му помогне на семејството да се справи со погребните трошоци, како и да му се обезбеди финансиска поддршка во овој длабок период на жалост, кога болката се надоврзува на материјалните грижи.
Од срце им благодариме на сите кои веќе донираа на 4 јануари 2026 година во Пуиду за да ја искажат својата поддршка и солидарност кон семејството.
Со оглед на неверојатниот бран на солидарност поттикнат од трагичната загуба на Стивен, како и бројните барања од луѓе кои сакаат финансиски да помогнат, беше создадена оваа онлајн хуманитарна акција. Секој гест, колку и да е скромен, претставува драгоцена поддршка за семејството на Стивен, објавено е на страницата на друштвото.
Во пожарот кој изби во барот за време на новогодишниот дочек, загинаа над 40 млади лица, а над сто беа повредени. Истиот бил предизвикан од користење на пиротехника, односно фонтана – прскалки, кои го запалиле плафонот, а потоа пламенот се проширил.
Деск
СТИВЕН БИЛ СО ПОСТАРАТА СЕСТРА НА НОВОГОДИШНИОТ ДОЧЕК, ТАА ИЗЛЕГЛА НА ВОЗДУХ ПРЕД ДА ЗАПОЧНЕ ПОЖАРОТ
2 Mins Read

