23-годишна девојка од Скопје е лишена од слобода поради измама и измама во обид, а во врска со наводно изнајмување на стан, соопшти Министерството за внатрешни работи. Оперирала во Тетово, Куманово, Штип, Струмица и Велес.
Околу аферата со наводно изнајмување на станови во земјава, медиумите известуваа подолг период. Луѓе пријавуваа во полиција дека дале пари за изнајмување на стан, а потоа кога требало да добијат клуч од станот, ,,изнајмувачката” ја снемувало.
Околу тоа како се одвивала измамата, соговорник на ВИКИМЕДИА, чиј идентитет е познат на нашата редакција, ги раскажува деталите за неговиот настан со наводното изнајмување на стан.
Неговиот случај е од пред две години и се случил на подрачјето на Скопје, а како што вели бидејќи бил посрамен што си дозволил лесно да биде изигран, не пријавил во полиција, па не знае дали станува збор за истата девојка. Појаснува дека ја раскажува својата приказна со цел во иднина никој да не наседне на истата измамничка шема како него.
-Живеев во Скопје под наем и морав да се иселам, бидејќи сопствениците решија да го продадат станот. Започнав да барам сместување преку интернет, во групи со огласи, и наидов на оглас со фотографии од убаво уреден стан. Имаше оставено контакт број на кој се јавив, и цената во споредба со условите кои се нудеа, беше пристапна, односно 10.000 денари месечно.
Веднаш и кажав на жената дека сакам да го видам станот, а таа ми рече дека не може сега, бидејќи имало станари, кои требало да си заминат по една недела. Ама, ако сум бил заинтересиран, кажа дека може да ја прати ќерка и, да се сретнеме и да и дадам капар, односно авансно да и платам, бидејќи имало и други кои се интересирале за станот. Целата работа беше некако во брзање, земи или остави.
Не сакав да ја испуштам можноста, договоривме да се сретнеме пред зградата во која наводно бил станот, дојде девојката, и дадов 10.000 денари, со договор дека мајка и ќе ме бара по неколку дена, за да ми го даде клучот, вели нашиот соговорник.
Не се посомневал во ништо, дури бил среќен што налетал на добра зделка, односно на модерно среден стан по поволна цена.
Кога во договореното време се обидел да ја контактира телефонски мајката, за да му го даде клучот, мобилниот телефон бил исклучен. Се обидувал да стапи во контакт со неа неколку дена, и на крај заминал во зградата, во станот кој наводно му бил изнајмен. Таму се шокирал кога на вратата му излегол повозрасен маж, и му појаснил дека ниту го издава станот, а ниту пак внатрешноста на станот била истата таа која ја видел на фотографиите во огласот.
Сфаќајќи дека е измамен, уште во неколку наврати ѕвонел на мобилниот број на жената, но на крај се откажал и се помирил дека останал без 10.000 денари.
-Не пријавив во полиција, не сакав да губам време, оти не верував дека ќе се најде измамничката, а и бев посрамен што си дозволив така да бидам изигран. На почеток бев многу изреволтиран, дури и пишував за тоа што ми се случи во групи на социјални мрежи, а сега гледам на настанот како на добра лекција.
Пари давање само со договор кај адвокат, и никако поинаку, колку и да звучи некоја понуда примамливо, вели тој.
За настанот со 23-годишната скопјанка пак, за која извести МВР, се работело за дури 12 случаи на измамени граѓани.
В.К.
Фото: Илустрација

