Убави вести соопшти Мери Костадинова, мајката на 11-годишната Викторија од Гевгелија, девојче кое двапати во својот живот беше соочено со тешка битка.
Приказната за Викторија им е позната на гевгеличани, но и на пошироката јавност, откако за неа пред четири години пишувавме, и го објавивме сведоштвото на мајката, која апелираше за помош од хуманите граѓани, за да заминат на лекување на клиника во Турција. Девојчето беше соочено со тешка дијагноза – леукемија, од која излезе како победник во февруари 2022 година.
Но, минатата година Викторија повторно се најде пред голема битка за нејзиниот живот. Болеста и се врати, и во јавност беше објавен апел дека се бара компатибилен донор, бидејќи и беше потребен третман со трансплантација на коскена срцевина.
Денес, како што објави Мери, Викторија зад себе има две големи победи и се заблагодари на сите луѓе донирале крв, кои помогнале кога им било најтешко, како и на целиот медицински персонал кој го давал својот максимум за време на лекувањето.
-Мојата ќерка е моето чудо, по вторпат се соочи со најтешката битка и леукемијата по вторпат застана на нејзиниот пат, но таа пак излезе како победник! Благодарност до Бог кој ни даде сила кога мислевме дека ја немаме, надеж кога темнината беше најгуста и вера кога срцата ни беа скршени, порача мајката, заблагодарувајќи се за новиот живот на нејзината ќерка.
Деск
СО СВОИТЕ 11 ГОДИНИ, ВИКТОРИЈА ИЗВОЈУВА ДВЕ ГОЛЕМИ ЖИВОТНИ БИТКИ: БЛАГОДАРИМЕ ЗА НАДЕЖТА, КОГА ТЕМНИНАТА БЕШЕ НАЈГУСТА!
2 Mins Read

