Во време кога животното темпо за голем број на граѓани е доста забрзано, па се почест избор на домаќинките е да купат зимница од маркет, десеттина жени од Росоман со своите вредни раце ги враќаат познатите традиционални вкусови на трпезите на бројни семејства од цела земја, приготвувајќи домашна зимница, по стари рецепти.

Росоман со години наназад е место познато по зеленото пазарче, каде патници од цела Македонија застануваат да купат не само органски зеленчук и овошје, од градините на локалното население, туку и домашно приготвена зимница.
Тегли со ајвар, лутеница, туршија, слатко, мармалад, разни специјалитети со пиперка и морков, домаши овошни сокови… сето тоа се нуди за купувачите кои се желни за традиционалниот вкус и мирис на домашната зимница.
Освен на пазарчето, во изминатите години голем број на домаќинки ги нудат своите производи на продажба и онлајн, во групи за купување и продажба на домашни специјалитети. Оние граѓани кои купиле еднаш, речиси секогаш направиле и наредна порачка, и имаат само пофални зборови за вредните домаќинки.
-Неверојатен ајвар по цена од 400 денари за тегла, туршија за 200 денари, литар салца од домати за сто денари, литар сок од кајсии, исто така за сто денари, мармалади за 150 до 200 денари тегла… Случајно купивме неколку тегли ајвар и лутеница, по препорака на пријател, кој многу ни ги испофали домашните производи од Росоман, и не требаше многу за пак да порачаме. Имаме забрзан животен тек, поради бројни обврски навистина не можеме да приготвуваме домашна зимница, па производите кои овие вредни жени ги приготвуваат ни дојдоа како седмица на Лото, за ВИКИМЕДИА раскажува нашиот соговорник од Скопје.
И жители од Кавадарци и Неготино велат дека секогаш кога поминуваат низ Росоман, дома не се враќаат без да купат зимница. Велат дека домаќинките од Росоман, а често и цели семејства биле вклучени во заедничкото приготвување на зимницата.
Правењето зимница останува еден од најпрепознатливите симболи на македонскиот начин на живот – сведоштво за грижата за семејството, почитта кон традицијата и желбата домашното секогаш да биде на трпезата, а кога начинот на живот е таков, што не може да се одвои време за овие традиционални ритуали, производите од Росоман се идеален избор за сечија трпеза.
Вики Клинчарова

