Жената која тврдеше дека е тајна ќерка на Фреди Меркјури почина на 48-годишна возраст, потврди нејзиниот сопруг. Жената, позната само по иницијалот Б (Би), наводно била родена по афера што пејачот на “Квин” ја имал со сопругата на еден од неговите блиски пријатели, според странските медиуми.
Нејзиниот сопруг Томас изјави за “Дејли мејл” дека таа починала мирно, по долга битка со хордома, ретка форма на рак што ја зафаќа ‘рбетот. Зад себе ги остави двајца синови, на возраст од девет и седум години.
Во емотивна изјава, Томас рече дека Би е сега со својот сакан и грижлив татко, додавајќи дека нејзината пепел, според нејзините желби, била распрскана од ветерот над Алпите.
Според извештаи, Би тврдела дека имала многу блиска и полна со љубов врска со Меркјури и дека ѝ бил посветен уште од раѓање. Според обајвените наводи во старнските медиуми, само мал круг луѓе блиски до неа знаеле за нејзиното постоење, а пејачот, како што се тврди, останал во контакт со неа до неговата смрт во ноември 1991 година.
Тврдења за тајно татковство се појавија во книгата на биографката Лесли-Ен Џонс со наслов “Љубов, Фреди: Тајниот живот и љубовта на Фреди Меркјури”. Авторката тврди дека видела докази кои ја поткрепуваат приказната на Би, а книгата е заснована на дури 17 рачно пишувани дневници кои Меркјури наводно ѝ ги дал само три недели пред неговата смрт.
Во рачно напишано писмо, исто така споменато во книгата, Би пишува: “Фреди Меркјури беше и е мојот татко.” Таа тврди дека имале блиска врска во текот на целиот нејзин живот и дека тој ја обожавал и се грижел за неа. Таа додаде дека околностите на нејзиното раѓање можеби звучат необично или скандалозно, но дека тоа никогаш не влијаело на неговата посветеност кон неа.
Би наводно живеела во Европа и работела во здравството, и ја контактирала авторката во 2022 година, тврдејќи дека сака да ја разјасни вистината по повеќе од три децении лаги, шпекулации и извртување.
Б.Н.

