За кривичните дела даночно затајување, даночна измама, перење пари и злоупотреба на службената положба, кои ги сториле во периодот од 2023 до 2025 година се товарат осомничените од големата акција што Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) ја спроведуваше вчера на повеќе локации во државата.
Според обвинителството, акцијата на ОЈО ГОКК била изведена по известување од АНБ, а осомничени се 20 лица за финансиски криминал тежок 4,8 милиони евра.
Според ОЈО ГОКК, осомничените бизнисмени со лажни даночни и со помош на вработените во УЈП успеале да избегнат плаќање на данок, како и да добијат поврат на јавните давачки за нерезидетни фирми, со што го оштетиле буџетот на државата за 297 733 844 денари или околу 4,8 милиони евра, а се вршеле претреси на 16 локации низ државата.
Првоосомничен е српски државјанин, сопственик на две фирми. Тој, според истрагата, заедно со двајца службеници од Регионалната дирекција на Управата за јавни приходи во Скопје, во 2023 година формирал група чија цел била вршење на кривичните дела од финансиска природа. Во периодот од 2023 до 2025 година ним им се придружиле и други сопственици, управители и вработени во фирми во Скопје и Гевгелија.
Според Обвинителството, првоосомничениот со фиктивни даночни пријави и со помош на даночните службеници, во периодот од 2023 до 2024 година, избегнал да плати данок во износ од 11 593 403 денари или околу 188 510 евра.
Другите осомничени бизнисмени, пак, исто така, со лажни пријави побарале, а даночниците им овозможиле неосновано да добијат враќање на данокот за нерезидетни правни лица, притоа нанесувајќи му штета на државниот буџет од 31 175 168 денари или околу половина милион евра.
Осомничените вработени во УЈП, од кои дел на високи раководни позиции, со злоупотребата на службената положба го оштетиле буџетот на државата за 162 980 076 денари или околу 2,6 милиони денари.
Обвинителот доставил предлог на осум од осомничените да им биде определена мерка притвор, додека за две лица, тој е веќе определен во предметот поврзан со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој на РСМ.
За девет од десеттемина осомничени е прифатен предлогот на Обвинителството за определување мерки за претпазливост, додека за осомничените за кои се бара притвор судот ќе се произнесе во текот на денот.
Деск

