Неготинката Менче Петрова (42), за која ВИКИМЕДИА пишуваше во неколку наврати изминатиот период, а на која и беше потребна финансиска поддршка од јавноста, за да замине на лекување во Турција, вчера отпатувала на клиниката „Санте Плус“, каде започнува нејзиниот третман со радиотерапија (СРС).
Менче е соочена со тешка дијагноза, бениген тумор на мозокот – Meningotheliomatosum, и во Македонија веќе имало обид да и се отстрани туморот, но операцијата била безуспешна, бидејќи бил лоциран на непристапно место. Затоа оваа млада жена, единствената шанса за спас и враќање на нормалното функционирање ја гледала во турската клиника.
Нејзиниот апел за помош, односно за собирање на сума од 8.000 евра, веднаш штом го објавивме, ја разбуди солидарноста на нејзините сограѓани, но и на пошироката јавност. Времето кога се објави апелот беше токму пред новогодишните и божиќни празници, кога народот има зголемени трошоци, но и покрај тоа, хуманите граѓани ја собраа потребната сума за лекување.
Како што вчера ни изјави нејзината сестра Владанка Ставрова, најмногу средства се собрале од кутиите за донации, кои неготинци самоиницијативно ги поставија во локални продавници, киосци, маркети и кафулиња, се со цел да и помогнат на Менче.
-Во овие тешки моменти, поддршката и зборовите со охрабрување кои доаѓаа од сите страни, навистина премногу ни значат. И дадоа сила на Менче, да не се откажува, и ни покажаа дека нашата заедница секогаш е тука сплотена, кога некому му треба помош.
Сестра ми вчера замина во Турција, а третманот ќе трае десет дена. Откако ќе се врати, треба да поминат од еден до три месеци, па да се знае исходот. Ја чека долг пат, ќе следат голем број на испитувања, контроли… Ние само се надеваме ова да помине како лош сон, и да продолжиме со животот. Немаме доволно зборови да ја искажеме благодарноста за хуманоста на која наидовме во овој тежок период, вели Владанка.
Ова е втора хуманитарна акција во Неготино за помалку од два месеца. Претходно за многу кратко време се собраа потребните средства за операција во Турција на 12-годишната Лилјана Коцева, а интервенцијата беше успешно изведена и девојчето се врати дома. И тогаш неготинци со бројни акции ги собраа потребните средства и покажаа дека никој не треба сам да минува низ лош животен период.
Вики Клинчарова
ВАШАТА ПОДДРШКА И ДАДЕ СИЛА НА МЕНЧЕ, ВЕЛИ СЕСТРАТА НА ПЕТРОВА, КОЈА БЛАГОДАРЕНИЕ НА ДОНАЦИИТЕ ЗАМИНА НА ЛЕКУВАЊЕ ВО ТУРЦИЈА
2 Mins Read

