Фросина Кулакова, младата дизајнерка која трагично го загуби животот минатата година на само 22-годишна возраст, зад себе остави креативен печат и силна порака што денес продолжува да живее.
Преку Фондацијата „Фросина Кулакова“, нејзиното име станува симбол на промена, грижа и општествена одговорност. Фондацијата ја користи уметноста како алатка за подигање на јавната свест, со јасна мисија: поголема безбедност во сообраќајот, зголемена свесност кај сите учесници и поддршка за семејствата погодени од слични трагедии. 
Во рамките на донаторската вечер „Threads of Light“, која ќе се одржи на 29 јануари во „Станица 26“ во Скопје, фондацијата организира хуманитарна аукција и упатува јавен повик до сите дизајнери и уметници од земјата да се приклучат.
Добредојдени се сите форми на уметничко изразување – слики, модни парчиња, мебел, светлосни објекти, дизајнерски предмети и уникатни рачни изработки. Настанот има за цел преку креативноста да испрати силна порака: дека уметноста може да биде глас на промената и потсетник дека зад секоја статистика стои човечки живот.
Средствата ќе бидат искористени за активности за подобрување на безбедноста во сообраќајот, како и за обезбедување психосоцијална и правна поддршка и помош за семејствата погодени од сообраќајни несреќи.
М.К.
ФОНДАЦИЈАТА ,,ФРОСИНА КУЛАКОВА” СО ХУМАНИТАРНА АУКЦИЈА: ПРЕКУ УМЕТНОСТ ДО ПРОМЕНИ
1 Min Read

