Овчарството, една од најстарите земјоделски дејности во Македонија, се соочува со сериозен недостиг на работна сила. Како што раскажуваат сточарите, младите се поретко се подготвени за таков начин на живот, па се принудени да бараат овчари од постарата популација, иако и таму интересот бил неверојатно слаб.

-Станува збор за одговорна работа, која започнува рано наутро, и може да трае повеќе од десет часа, но ние нудиме месечна плата од 1.200 до 1.500 евра, сместување, храна, значи овчарот ќе нема никакви трошоци. Но, и покрај тоа, никој не сака да чува овци, раскажуваат сточари кои имале голема фарма во Пелагонискиот регион.
Дел од нив дури биле принудени да бараат овчари преку интернет групите на социјалните мрежи, посветени на фармерството.
-За стадо од 250 овци се бара искусен овчар, плата 1.500 евра, обезбедено сместување, храна, па дури и цигари ако треба, гласи еден од бројните огласи, објавен од страна на позната фарма.
Но, коментарите кои граѓаните ги оставаат под овие објави, јасно сведочат дека ретко кој би се нафатил да биде во планините со овците, подалеку од населено место, постојано на терен, без работно време.
-За тие пари ќе одиме во Хрватска на работа, таму барем ќе бидеме на море, покрај луѓе. Мала ти е платата која ја нудиш за таква работа, често коментираат граѓаните.
Тоа што овчарството сè уште се смета за застарена и потценета работа, е дополнителен проблем. Иако приходите можат да бидат стабилни, сепак многумина потценувачки гледаат на овој занает.
В.К.

