Во Кочани ќе се одржи протест во знак на поддршка кон младите граѓани, кои ги тужи синот на Деко Јованов, Михаил, бидејќи ден по трагедијата во Пулс искршија инвентар во неговото кафуле Класик.
Од Здружението на граѓани 16-ти март 2025, информираат дека протестот ќе започне во 14.05 часот, во сабота, од пред Паркот на револуцијата.
Ги повикуваат семејствата на тужените млади, семејствата на загинатите и повредените, како и сите совесни и правдољубиви граѓани да се приклучат.
-Причините за трагедијата и институционалните пропусти мора да бидат во центарот на истрагата – а не младите кои беа директни жртви на таа небезбедност.
Порака до институциите:
Бараме непристрасно, стручно и одговорно постапување – без селективна правда.
Бараме утврдување на одговорноста на сите што биле должни да обезбедат безбедност во објектот.
Бараме итно запирање на неправедното насочување вина кон младите, кои беа изложени на ризик, а не причинители, објавија од здружението.
Инаку, синот на сопственикот на Пулс, каде загинаа 63 деца и младинци, а над 200 беа повредени, Михаил, барал 1,4 милиони денари оштета и ги тужел младите лица кои ден по пожарот го искршија инвентарот во кафулето Класик.
Тужбата ја поднел три месеци по настанот, односно на 18-ти јуни, против осум лица, и плус против непознати лица, за кривични дела „Оштетување туѓи предмети “ од чл. 243 став 1 в.в со чл. 22 од КЗ и кривично дело„ Нарушување на неповредливоста на домот“ од чл. 145 став 1 в.в со чл. 22 од КЗ.
На 30-ти март во Основниот суд во Кочани ќе се одржело рочиште за помирување по неговата приватна кривична тужба.
Деск
ПРОТЕСТ ЗА ПОДДРШКА НА МЛАДИТЕ КОИ ГИ ТУЖИ СИНОТ НА ДЕКО ЈОВАНОВ И ИМ БАРА 1,4 МИЛИОНИ ДЕНАРИ ОШТЕТА
2 Mins Read

