Животот на актерскиот великан Ристо Шишков (1940-1986), заврши кога тој имаше само 46 години, возраст кога можеше да даде уште многу, како за театарот, така и за филмската уметност. И неговиот син Васил (1970-2014), кој тргна по неговите стапки во актерството, ја заврши животната приказна на само 44 години, но и до денес, нивните имиња предизвикуваат голем јавен интерес.
На вчерашен ден, 30-ти јануари е роден Васил, а објавата во која потестивме на роденденот на актерот повторно ги разбуди колективните сеќавања на народот за овие двајца дејци, кои оставија траг на македонската сцена. Неизоставен е белегот кој го оставија со нивните улоги, но и сенката која се надвиснува над животот и делото на Ристо, поради политичката хајка со која се соочил, кога обвинет како националист бил осуден на затворска казна.
Токму поради тој интерес, се навраќаме на интервјуто кое го направивме пред четири години со Јоана, ќерката на Ристо Шишков, која ја добил во бракот со примабалерината на Македонскиот народен театар, Зоица Пуровска Велевска.
Како што ни раскажа Јоана, татко и заминал на отслужување на затворска казна во 1980 година, само една година по нејзиното раѓање. Починал кога таа имала едвај шест години, и не успеал да и остави многу спомени.
-Кога се зборува за Ристо Шишков и неговото потомство, некако првин се помислува на Васил, мојот брат од неговиот прв брак, можеби поради тоа што и тој беше дел од актерската фелја. И тоа е сосема во ред зашто сепак тој чекореше по неговите стапки, а јас некако ја одбрав тивката страна на улицата, во која присебноста и спокојството станаа двигатели на личниот растеж.
Едноставно јас никогаш не чувствував потреба за јавно препознавање, и себепромоција.
Јас сум родена 1979 година, година на радости за едни, година на турбуленции за други. Денес, како мајка на малиот Вања, најмногу се занимавам со безгрижноста на детскиот лик. Интимно време на радосна преродба. Инаку сум магистер по интеркултура, една интересна и креативна област на истражување, особено во уметноста, ни раскажуваше Јоана.
За спомените со татко и, кажа дека ги немала многу, бидејќи починал кога имала само шест години.
-Мојот татко почина далечната 1986 год, кога имав 6 години и искрено имам многу малку спомени кои ме врзуваат за тој период од животот, можам да кажам дека создавам приказна од мозаичните припомнувања на блиските и далечните пријатели на Шишков.
Неговата смрт беше реална и болна, но причината на заболувањето беа нечовечноста и предавството. Процесот на разочарувањето во „своите“ значеше долго и тивко разоружување на потенцијалот на Големиот.
Откога падна болен, ние немавме средба, јас бев мала да се соочам со таа комплицирана немилосрдност на животот, но затоа последните средби беа средби на радосна игра меѓу татко и дете.Чувството е убаво, како и на секоја ќерка кон својот татко, интимно и нераскинливо.
Но, во моето детство не отсуствуваше уметноста, напротив во родителскиот дом се негуваше духот на плодна балетска игра, со првенците на Македонскиот балет, Зоја и Зоран (Зоран Велевски, партнер на сцената и во животот на мајка ми) кои длабоко ми вродија бесмртна љубов кон танцот.
За Васил пак, кој во постари интервјуа кажуваше дека многу ја сакал, кажа дека бил нејзиниот столб.

-Ангела (мојата сестра) и Васил стојат како исток и запад, мојата ориентација за физичка големина и духовна длабочина. Васил е мојот најдобар пријател, мојот столб.
Тој беше една прекрасна личност, добар за светот, невнимателен за себе. Човек со огромен потенцијал, но уморен од борбата. Трагаше по љубовта и другарството, двете нешта кои се на работ на исчезнување. Не знам колку беше разбран од средината, но јас го љубев во сета негова искрена несмасност, раскажа Јоана.
Тогаш, на прашањето кога Ристо Шишков денес би можел да види како се живее во Македонија, што би кажал, таа ни одговори: ,,Ристо Шишков каков што го познаваме би бил гневен и лут со тоа што би го затекнал во својата родна земја, со оглед на ретроградните варијации на општествениот и културниот живот, но јас си помислувам на еден нов Шишков кој со својот креативен импулс би ги покренал заспаните рудници на интелектуална и уметничка сила која долго молчи на тлото на македонската земја”.
В.К.

