Поетот, професор и преведувач Тихомир Јанчовски, кој почина вчера на 58-годишна возраст, останува запаметен по интересните приказни за случки од животот кои редовно ги објавуваше на својот социјален профил. Една од нив е и приказната за средбата на свадба со легендарниот пејач Гоце Арнаудов, која Јанчовски ја раскажа пред неколку години, а која ја пренесуваме во целост.
-Значи, беше тоа пред едно 15 години, тука некаде, и одам јас на свадба со колегите професори, се женеше еден од нашите, и неговите му правеа свадба во трговски (ГТЦ), во оној хотелот близу до Огниште, не ми текнува сега на името. Не е Бристол… изгледа Гранд го викаа.
И одиме ние таму, така дотерани, по кошули и панталони машките, оти беше топло за сако, јуни месец, и испоседнавме и сватуваме. А жените беа исподотерани ептен, со фустани и марами во јаки бои, со штикли и фризура… свадба како свадба. И не беше лошо таму, свиреа некои тезгари, ама квалитетно, и забавно и народно, и странски и домашни песни, а келнерите носат турли-турли јадења, ние седиме, се оговара на големо, па луѓе се прегрнуваат, се клештат… а памтам дека јадењето беше многу добро, оти не беше премногу и го носеа на добри временски растојанија, и масите беа секогаш чисти, без остатоци и наполу оставени порции… и тоа беше убаво.
И тече вечерта, а јас бев седнат со Панче Бедри-бег, мојот голем пријател и колега од професорските денови, и така, си муабетиме јас и тој, па ќе пивнеме нешто (мислам дека делкавме ракија, не сум сигурен), па пак чешка муабет, па чашка од другото… и се поднапивме. И кога таму, едно време, накај 11 да речеме, а свадбата почна од 8, се смени атмосферата во салата… дојде Гоцка Арнаудов и пее среде гостите, го викнале и него како гостин да испее нешто. И нормално, Гоце пее, а околу него луѓето во круг, ама тесен круг, и играат нешто налик на оро. Три напред, два назад, основното. И јас го погледнав Панче.
-Бедри бег, она Гоце е?
-Да, бе.
-Слушај, ај да му кажеме да ја пее „Стрела, песната“.
-Ајде.
И станавме и се дереме на сет глас, „Гоце, о, Гоце, СТРЕЛА песната, СТРЕЛА песната…“ ама Гоце не може да нè чуе, оти звучниците пуштени гласно, а и толпа луѓе околу него, играорци… танка работа. И му кажувам на пријателов, на уво:
-Панче, што правиме? Овој не нè слуша.
-Чекај, вели Панче, и отиде до една маса, најблиску што му беше, и го измакна белиот чаршаф од масата, гостиве го гледаат зачудени, подзинаа, и се врти тој накај мене и ми вели:
-Имаш пенкало?
-Ќе најдам!
Сфатив што е работата. И најдов одма, кај може професор да не најде пенкало, и Панче го зеде и црта на белиот чаршаф СТРЕЛА со пенкало. И јас му помогнав, нормално, и се гледаше дека е стрела а не нешто друго.
И одиме ние со тоа најблиску што може до Гоце, и го кренавме чаршафот-знаме во воздух високо, да може Гоце да го види. И го виде. И кога ја заврши песната што ја беше почнал, почнаа тактовите од Еј да беше стрела песнава… Тарам -тарарарам -та-та-тии-на тата-тинана…
И не знам како, дали Панче ми направи место да поминам, дали некое чудо, ама одеднаш јас стојам до Гоце, внатре во кругот, а овој пее: „Кој ли те тебе прелага, дека со други лумпувам…“ Јас, збунет. И ме гледа Гоце дека нешто не ми е јасно, и ме прегрна човекот, ме позна дека јас бев еден од тие што мавтаат со чаршафот, и ми го дава микрофонот, јас да ја пеам.
А јас тапа, не ја знам баш, само онака. И му велам, „Гоце, само рефренот го знам, пеј ти.“ И Гоцка пее и ме држи прегрнат, и кога дојде рефренот, ме пушти мене. На еден микрофон бевме. И кога сме викнале, со висок глас, „Еј да беше стрела песнава, да ја пуштам па да полета…“ и после заедно, со целото оро: „ И во ср-це, да те погоди, па од љубов да те полуди“ И ја истеравме целата, до крај. А рефренот го свртевме трипати.
Многу добро. И се направи една атмосфера ептен весела, па со Панче игравме на свадбата до крај, до никое време. И колешките играа со и околу нас, сите добри риби, која од која, дотерани скроз. А со Гоце се прегрнавме и поздравивме кога ја завршивме Стрела, песната, и тогаш му реков „Ти си добар човек“… а кој ме знае, знае и дека тоа е најголемиот комплимент што може да го дадам некому, оти нема поголема работа на светов од тоа да си добар човек. Да. И ете, остана сликава. Сега ви е познато и потеклото на истата. А овој нашиов што се женеше се вика Виктор, да го спомнеме и него. Убаво си поминавме на неговата свадба, навистина, објави минатата година Јанчовски.
Деск

