Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во синоќешното гостување во емисијата „Заспиј ако можеш“ на Алфа Тв, во однос на борбата против корупцијата и економскиот криминал, нагласи дека Министерството постапува неселективно и дека резултатите се мерлив доказ за засилената институционална акција.
Тој посочи дека довербата кај граѓаните се враќа токму преку конкретни бројки и споредливи резултати.
„Ако ги споредиме податоците, ќе видиме јасен тренд на зголемена ефикасност. Во 2023 година МВР процесуирало 126 кривични дела поврзани со корупција и економски криминал, во 2024 година таа бројка изнесува 206, а во 2025 година 290 кривични дела, што претставува зголемување од околу 130%. Тоа значи дека борбата не е декларативна, туку реална и мерлива“, истакна министерот Тошковски.
Во однос на сторителите, министерот посочи дека во 2023 година биле опфатени 185 лица, во 2024 година 363, а во 2025 година 678 сторители во случаи поврзани со корупција.
Особено значајна, според него, е разликата во утврдената штета кон буџетот: во 2023 година таа изнесувала околу 5,7 милиони евра, во 2024 година 24 милиони евра, додека во 2025 година достигнала 380 милиони евра.
„Овие бројки покажуваат дека нема заштитени и нема недопирливи. Институциите работат посветено, без разлика за кого станува збор. Законот мора да важи еднакво за сите, а украденото мора да се врати кај граѓаните“, нагласи Тошковски.
Министерот додаде дека 2025 година е историски најуспешна за МВР во изминатите 20 години и во делот на вкупниот криминалитет и во делот на расветлување на кривичните дела, при што стапката на расветленост достигнува 67,2%, што е подобрување од околу 10% во однос на претходните години.
Деск
2025 ГОДИНА Е ИСТОРИСКИ НАЈУСПЕШНА ЗА МВР ВО РАСВЕТЛУВАЊЕ НА КРИВИЧНИ ДЕЛА, ВЕЛИ ТОШКОВСКИ
2 Mins Read

