На неготинката Менче Петрова (42), за која ВИКИМЕДИА пишуваше во неколку наврати изминатиот период, а на која и беше потребна сума од околу 8.000 евра за да замине на лекување во Турција, повторно и е потребна помош од хуманите граѓани.
Иако со помош на донации се собраа потребните средства и Менче на 15-ти јануари замина на лекување, односно на третмани со радиотреапија, со цел излекување на бениген тумор на мозокот – Meningotheliomatosum, откако пристигнала на клиниката, семејството се соочило со нов шок.
Како што појаснува Владанка Ставрова, сестрата на Менче за ВИКИМЕДИА, во болницата и биле направени нови испитувања, и било одлучено дека треба да се промени терапијата.
-Сега, тие 5 третмани со СРС зрачење радиотерапија ги сменија со 25 терапии ИМРТ, исто радиотерапија, но за таков вид на тумор. Ќе мора наместо предвидените 10 дена да остане 5 недели во болница, и наместо 8.000 евра, сето чини 18.000 евра.
Веста ни дојде како шок, на сите страни позајмуваме средства, бидејќи Менче е веќе таму и не би сакале да се враќа назад без да добие шанса за излекување.
Првично мислевме дека терапијата за која ни беа побарани 8.000 евра ќе трае десет дена и потоа таа ќе се врати, но ете, кога е здравјето во прашање, посебно со таква дијзагноза, не може да прават сигурни планови.
Со цел да се собере потребната сума, изминативе десеттина дена аплициравме и за телефонски број за донации, кој го добивме денес.
Сите кои сакаат да помогнат, можат да донираат со јавување на бројот 143 463 за корисниците на А1. Кога ќе добиеме број од Телеком, и тој ќе биде споделен со јавноста, вели сестрата на Менче.
Инаку, во првичната акција за помош на Менче, која започна кон средината на декември лани, средства се донираа на сметка, а во нејзиниот роден град беа поставени и повеќе кутии за донации на јавни места. Токму од кутиите бил собран најголемиот дел од потребната сума за лекување.
В.К.
ВЕСТА ОД КЛИНИКАТА ВО ТУРЦИЈА НИ ДОЈДЕ КАКО ШОК, ВЕЛИ СЕСТРАТА НА МЕНЧЕ ОД НЕГОТИНО, НА КОЈА ПОВТОРНО И Е ПОТРЕБНА ПОМОШ ОД ГРАЃАНИТЕ
2 Mins Read

