Професорката Билјана Вановска ја раскажа тешката животна приказна на нејзината мајка Милка, на денот на нејзиниот роденден, вчера. Настаните од детството, како и траумите кои цел живот ја следеле, предизвикуваат тага од човекчата судбина, но и восхит од нејзината пожртвуваност, која го обликувала животот на нејзиното потомство.
-На денешен ден била родена онаа што ме роди. Како второ од трите деца на Зора и Никола. Родена во предвоени години и тешка сиромаштија, набргу ја губи мајка си (многу често тагуваше што не се сеќаваше на нејзиниот лик, била премала).
Потоа го губат и татко им, вреден аргат кој по цели денови работел по туѓи ниви и лозја, за да донесе парче леб за дечињата. Таа станала мала домаќинка. Кога другите деца играле, таа морала да пере и готви.
Кога дедо ми починал (од воспаление на слепо црево), децата се делат. Таа е прво слугинче во богата куќа во Кавадарци. Потоа сите одат во дом за сираци. Се собираат заедно дури кога ќе пораснат. Таа детска траума секогаш ја следеше, пишува професорката.
Додава дека мајка и не заборавила што е глад дури и кога трпезата им била полна.
-Беше и остана скромна, можеби длабоко во себе и исплашена нам да не ни се случи нешто слично. Беше перфектна домаќинка, прекрасна и пожртвувана мајка.
Без мајка ми (која денес ќе имаше 94), јас немаше да постојам, и апсолутно таа беше фактор на мојот академски успех. Само со нејзина помош јас можев да бидам и мајка на три и успешен професор.
Покрај силна жена како неа и јас се градев – морав да бидам силна за да останам своја. Тоа е посебен аспект на нашиот однос.
Респект и бескрајна љубов за моја Милка – додека сум жива да ја спомнувам, објави Ванковска.
Деск
ТАА Е ПРВО СЛУГИНЧЕ ВО БОГАТА КУЌА ВО КАВАДАРЦИ: ВАНКОВСКА ЈА РАСКАЖА ТЕШКАТА ЖИВОТНА ПРИКАЗНА НА МАЈКА И МИЛКА
2 Mins Read

