Кино-салите ширум Србија изминатата недела беа премали за да ги примат сите оние кои сакаа да го погледнат новиот филмски хит „Свадба“. Она што со денови се насетуваше преку редиците пред билетарниците, сега доби и официјална потврда преку бројките што испишаа нова историја во домашната кино-индустрија.
Комедијата „Свадба“ не е само моментално најгледаниот филм – таа прерасна во вистински општествен феномен. Според официјалните податоци на дистрибутерот Art Vista, филмот го оствари најдобриот неделен резултат досега забележан во Србија, со неверојатни 206.000 гледачи во првата недела од прикажувањето.
Овој податок сам по себе би бил доволен за насловни страници, но еуфоријата околу филмот тука не завршува. За време на изминатиот викенд беше срушен уште еден, можеби и најтешкиот рекорд.
Во само еден ден, филмот го погледнале 40.358 луѓе, што претставува официјално најдобар дневен резултат на сите времиња на овие простори. Ваквите резултати и не се за изненадување, ако се земе предвид дека „Свадба“ нуди час и половина искрен и здрав смеа, проткаен со весела љубовна приказна.
Посебна вредност на филмот ја носи внимателно одбраната актерска екипа составена од истакнати имиња од регионот. Главните улоги ги толкуваат Драган Бјелогрлиќ и Рене Биторајац, а покрај нив се појавуваат и Линда Бегонја, Весна Тривалиќ, Анѓелка Стевиќ Жугиќ, Рок Сикавица, Нико Грбелја, Марко Грабеж, Срѓан Тодоровиќ, Дејан Аќимовиќ, Денис Муриќ, Марко Милјковиќ и Невен Неранджиќ.
Особено внимание привлекува и настапот на легендарната актерка Сека Саблиќ, која на платното настапува заедно со Снежана Синовчиќ Шишков.
Филмот „Свадба“ раскажува приказна за две финансиски моќни семејства – едно од Белград и едно од Загреб – чии деца се заљубуваат далеку од семејните очекувања и средини. Непланираната бременост станува моментот што го забрзува запознавањето меѓу родителите, а свадбата што следи, замислена како строго чувана тајна, прераснува во низа неочекувани, комични и тензични ситуации кои целосно го нарушуваат привидниот ред.
Авторскиот тим зад филмот го предводи режисерот и сценарист Игор Шереги, а во креативната реализација учествуваат и директорот на фотографија Томислав Сутлар, монтажерката Леа Милета, сценографката Јана Пјацун, костимографката Паула Чуле, дизајнерот на звук Иван Зелиќ и шминкерката Снежана Горуп.
Нивната заедничка работа резултира со автентична филмска приказна во која сатиричниот пристап умешно се испреплетува со реални животни ситуации. Филмот „Свадба“ е реализиран во продукција на Eclectica, во соработка со продукциската куќа „Викторија Филм“, а зад проектот стојат продуцентите Иван Келава и Марко Јоциќ.
Филмот моментално се прикажува и во Македонија.
М.К.

