Поранешниот градоначалник на Општина Чашка, Горан Стојановски, заработи кривична пријава, извести СВР Велес.
Како што информираат од таму, СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ по член 353 од Кривичниот законик.
-Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите. На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета, соопштија од секторот.
Инаку, на локалните избори лани, во Чашка за првпат беше избран припадник на албанската заедница на функцијата градоначалник.
Суат Шакиров, кандидатот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), извојува убедлива победа во првиот круг, освојувајќи 2.322 гласа, наспроти тогаш актуелниот градоначалник Горан Стојановски од СДСМ, кој доби поддршка од 1.110 гласа.
Деск
ЕКС ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ГОРАН СТОЈАНОВСКИ ЗАРАБОТИ КРИВИЧНА: ИСПЛАЌАЛ ПЛАТА НА ЛИЦА КОИ НЕ ИСПОЛНУВАЛЕ УСЛОВИ ЗА ДРЖАВЕН СЛУЖБЕНИК!
2 Mins Read

