Фолклорниот ансамбл Ацо Ѓорчев од Неготино вечерва ќе одржи концерт во спортската сала во СОУ Свети Кирил и Методиј со почеток од 18.00 часот.

Настанот на кој ќе се одбележи празникот Свети Трифун ќе има и хуманитарен карактер, и на влезот ќе бидат поставени кутии за донации за помош на Менче Петрова од Неготино, која е на лекување во Турција. Ќе настапат 280 активни членови на ансамблот, како и бројни гости.
-Во организација на Горан Трајков, кој го води ансамблот, концертот ќе биде обележан со боите на солидарноста, и благодарни сме што на настанот ќе се собираат донации за помош на сестра ми. Денес е нејзиниот роденден, па се надеваме дека ова ќе биде мотив плус да се помогне, таа да се врати жива и здрава дома, кај блиските, за ВИКИМЕДИА вели Владанка Ставрова, сестра на Менче.
Таа се заблагодари и на младите волонтери од Црвениот Крст кои вчера, додека се одбележуваше празникот Свети Трифун во градот, поставиле кутии за донации и продаваа колачиња во знакот на денот на виното и љубовта.
-Децата максимално се потрудиле и ние немаме зборови да ја искажеме нашата благодарност. Им благодариме на сите кои неизмерно шират љубов, хуманост и добрини. Во ваков град вреди да се живее затоа што се покажува колку сме обединети кога некој се соочува со ваков проблем, вели Ставрова.
Инаку, за лекувањето на Менче, која се бори со тумор на мозок се потребни 18.000 евра. Отворени се телефонски линии на кои може да се донира: А1 143 463 и Т- мобиле 143 173.
В.К.

