Повеќе од четири децении откако тинејџерка беше убиена во Калифорнија, ДНК пронајдена на фрлена цигара им помогна на властите да го фатат нејзиниот убиец, објави CNN.
13-годишната Сара Гир последен пат била видена како ја напушта куќата на нејзината пријателка во Кловердејл, Калифорнија, во вечерните часови на 23 мај 1982 година. Следното утро, пожарникар кој се враќал дома од работа го пронашол нејзиното тело, соопштија од Канцеларијата на окружниот обвинител на округот Сонома во соопштение за медиумите. Таа била повлечена низ еден сокак до изолирана област во близина на станбена зграда и зад ограда, каде што била силувана и задавена, според властите.
Нејзината смрт беше прогласена за убиство, но поради “ограничената судска медицина од тоа време”, не беше идентификуван никаков осомничен и случајот со децении остана нерешен, соопштија обвинителите.
Речиси 44 години по убиството на Сара, поротата го прогласи Џејмс Уник (64) за виновен за нејзиното убиство на 13 февруари. Тоа ќе беше 57-миот роденден на жртвата, соопштија од Канцеларијата на јавниот обвинител на округот Сонома за Си-Ен-Ен.
Генетската генеалогија, која ги комбинира ДНК-доказите и традиционалната генеалогија, помогна да се поврзе ДНК-то на Уник од остаток од цигара со ДНК-то пронајдено на облеката на Сара, според обвинителите.
“Оваа пресуда за вина е сведоштво за сите оние кои никогаш не се откажаа од потрагата по убиецот на Сара”, изјави јавната обвинителка Карла Родригез во соопштението. “Ова е најстариот нерешен случај некогаш претставен пред поротата на округот Сонома. Иако 44 години е премногу долго да се чека, конечно беше задоволена правдата, и за најблиските на Сара, и за нејзината заедница.”
Првиот пробив во случајот се случи во 2003 година, кога истражителите изготвија ДНК-профил врз основа на сперма собрана од долната облека на Сара, рекоа обвинителите.
Сепак, профилот не соодветствуваше со никого чија ДНК беше достапна за споредба во полициските бази на податоци во тоа време, според соопштението, и истрагата повторно запре. Тие бази на податоци вклучуваат информации за познати криминалци.
Во 2021 година, полицискиот оддел на Кловердејл ја отвори повторно истрагата за смртта на Сара. Одделот соопшти дека бил во комуникација со приватна истражна фирма кон крајот на 2019 година и дека соработувал со неа со надеж дека фирмата ќе може повторно да ги разгледа доказите во случајот “со најновите технолошки достигнувања во работата на нерасветлени случаи”.
Во истрагата беше вклучено и ФБИ за да помогне во идентификување на потенцијално совпаѓање со ДНК-профилот од 2003 година.
“ФБИ, со својот пристап до семејни генеалошки бази на податоци, заклучи дека изворот на ДНК-доказите собрани од Сара припаѓа на еден од четворицата браќа, вклучувајќи го и Џејмс Уник”, рекоа обвинителите.
Откако истражителите го стеснија списокот на осомничени на четирите браќа Јуник, ФБИ “вршело надзор над обвинетиот и собрало фрлена цигара што тој ја пушел”, рекоа обвинителите.
ДНК-анализата на цигарата потврди дека ДНК-то на Џејмс Јуник се совпаѓа со профилот од 2003 година, заедно со другите примероци од ДНК собрани од облеката на Сара на денот кога била убиена.
Истражителите успеаја да го расветлат случајот благодарение на новото поле на генетска генеалогија, која комбинира анализа на ДНК и истражување на семејното стебло.
Во суштина, примерокот од ДНК се споредува со јавно достапни бази на податоци со милиони луѓе кои го доставиле својот генетски профил, а потоа истражителите можат да состават семејно стебло што води до осомничен.
Во 2018 година, генетската генеалогија доведе до апсење на “Златниот убиец од Калифорнија” (Golden State Killer), а неодамна помогна и во решавање на неколку други нерасветлени случаи, вклучувајќи убиство од 1974 година во Висконсин и убиство од 1988 година во Вашингтон. Истражителите во случајот со исчезнувањето на Ненси Гатри неодамна објавија дека ќе се обратат кон генетската генеалогија за да го анализираат непознатото ДНК пронајдено во нејзината куќа.
Извор: CNN

