Немесио Рубен Осегера Сервантес, попознат како Ел Менчо, најбараниот човек во Мексико и лидер на озлогласениот картел “Нова генерација од Халиско” (CJNG), беше убиен за време на воена операција во неделата, јавува Би-би-си.
Операцијата беше спроведена во раните утрински часови во недела во југозападната сојузна држава Халиско, изјави официјално лице кое побарало да остане анонимно. Министерството за одбрана на Мексико објави дека Ел Менчо починал од здобиените повреди за време на воздушен транспорт по воената операција, според Ројтерс.
CJNG ја стекна својата моќ во државата Халиско, но оттогаш се прошири низ целото Мексико. Соединетите Американски Држави понудија награда од 15 милиони долари за информации што ќе доведат до апсење на Ел Менчо.
Државниот департамент на САД издаде предупредување до американските државјани кои живеат во сојузните држави Халиско и Тамаулипас, како и во делови од Мичоакан, Гереро и Нуево Леон, да останат засолнети на своите места. Американскиот заменик-државен секретар Кристофер Ландау изјави дека убиството на Ел Менчо е “голем настан за Мексико, САД, Латинска Америка и светот”.
Агенциите известуваат за палење автомобили, блокади на патишта и групи вооружени луѓе на улиците во Јалиско и на други места. На социјалните мрежи се споделуваат снимки од изгорени згради и возила како знак на одмазда.
Ел Менчо е во трговијата со дрога повеќе од 30 години, а во 1994 година беше осуден во Окружниот суд на САД за Северниот округ на Калифорнија за заговор за дистрибуција на хероин. Тој помина речиси три години во затвор. Потоа се врати во Мексико и продолжи да ги води своите операции за трговија со дрога. Од 2017 година, тој е обвинет повеќепати во САД.
Деск

